Економија, финансии, бизнис

Контакт

Субвенционирање на млекото по квалитет во новата програма за поддршка на земјоделството

Субвенционирање на млекото по квалитет во новата програма за поддршка на земјоделството
Владината проекција за субвенционирање на млекото по квалитет дефинирана во новата, петгодишна програма за поддршка на земјоделството и руралниот развој наиде на позитивни коментари од Стопанската комора на Македонија. Со ваквото решение што Комората го сугерираше подолго време, како што беше речено денеска на прес-конференција, ќе се зголемат производството и квалитетот, а фармерите ќе бидат стимулирани да ги достигнат ЕУ стандардите. Сепак остануваат нерешени досегашните основни проблеми во секторот, неможноста од обезбедување евтина добиточна храна, современи услови на одгледување стока и подобрување на расниот состав. - Нашите повеќегодишни барања се прифатени. Сметаме дека ќе дадат конкретни резултати. Млекопроизводството би се вратило на ниво од периодот 2004/2005 година кога продукцијата и откупот беа значително повисоки што, пак, ќе овозможи поголема конкурентност не само во соседството, туку и на европскиот пазар, истакна Васко Ристовски од Стопанската комора. Поддршката на млекото годинава и следната 2013 изнесува 3,5 денари за литар предаден во преработувачки капацитети, но во наредните години, до 2017-та, согласно измените, субвенционирањето ќе биде по квалитет, 4 денари за екстра класа, 3,5 за прва и 2,5 денари за втора класа во 2014 година, 4 денари за екстра класа, 3,5 за прва и два денара за втора класа во 2015, како и 4 денари за екстра, три за прва и 1,5 за втора класа во 2016 и 2017 година. Според анализите на Стопанската комора, Македонија и натаму е нето увозник на млеко и млечни производи, главно од Словенија, Германија, Хрватска, Србија, Црна Гора, БиХ, Чешка, Бугарија, Грција, Франција,… Голема е разликата меѓу увозот и извозот, 37.000 тони наспроти 11.000 тони, а евидентиран е и тренд на опаѓање на вкупното млекопроизводство. Само еден процент од фармите имаат повеќе од 50 грла и може да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за останатите капацитети.
 
Слично

Поврзани вести