Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студија на ЦЕА и ИДСЦС – Буџетските информации треба да бидат јавно достапни

Студија на ЦЕА и ИДСЦС – Буџетските информации треба да бидат јавно достапни

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје (ИДСЦС) и Центарот за економски анализи (ЦЕА) промовираа студија за јавна политика „Буџетска транспарентност и отчетност во Македонија“.

 ИДСЦС и ЦЕА заклучуваат дека без оглед на тоа од каде конкретно се влече обврската, буџетските корисници се обврзани информациите и податоците кои се однесуваа на нивните програми, стратегии, буџети, трошења и слично да ги објавуваат и да ги прават достапни до јавноста. Овие обврски се утврдени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Закон за користење на податоците од јавниот сектор и Законот за буџетите И покрај ваквите законски обврски, сегашното ниво на буџетска транспарентност на буџетските корисници е на минимално ниво. Буџетот за тековната година на својата веб страница го има објавено една од 60 набљудувани институции, а завршните сметки ги објавуваат само 4 институции.

 Со цел да се унапреди буџетска во Македонија оваа студија за јавната политика ги дава следниве препораки:

  • Предлог Буџетот да се доставува до Собранието барем 3 месеци пред почетокот на наредната фискална година.
  • Сите буџетски корисници на своите веб страници да ги објават своите предлог буџети, изгласани буџети и ревизорски извештаи.
  • Министерството за финансии да почне со изработка на Граѓански разбирлив буџет.
  • Министерството за финансии да го коригира доцнењето и Фискалната стратегија  да ја донесува најдоцна до 31 мај во текот на годината.
  • Министерството за финансии во Фискалната стратегија да дава повеќе информации за средствата кои Владата планира да ги распредели според нејзините програми.
  • Да се разгледа можноста за донесување на Фискалната стратегија во Собранието.
  • Сите буџетските корисници да ги објавуваат своите месечни извештаи со краток коментар, преглед на извршувањето на буџетот во дадениот месец и компарација со планираното трошење.
  • Министерството за финансии да ја исполни законската обврска за објавување на Полугодишниот извештај, а истото да го следат и другите институции, и тој да содржи подетално известување за извршувањето на Буџетот во првото полугодие.
  • Владата и Министерството за финансии да преземат иницијали активности да ја вклучат пошироката јавност во консултации за буџетските приоритети.
  • Сите буџетски корисници, освен на веб страницата www.otvorenipodatoci.gov.mk  и на својата веб страница во форма на отворени податоци да ги објавуваат буџетски извештаи, Буџетот, Завршната сметка и извештаите за извршување на буџет, како и другите документи.
  • Министерството за финансии да воведе механизми (петиции и онлајн барања)  преку кои граѓаните и други засегнати чинители ќе можат да поднесуваат барање за ревизија на некоја институција.
  • Министерството за финансии да започне со организација на отворен буџетски форум на годишно и полугодишно ниво преку кој министерството ќе ја консултира јавноста и засегнатите страни за буџетскиот процес.
  Студијата е подготвена во рамките на проектот „Зголемување на транспарентноста и отчетноста преку буџетирање по перформанси” кој го имплементираат ЦЕА и ИДСЦС, а е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е да промовира буџетска транспарентност за отчетно трошење на јавните финансии. За повеќе информации во врска со проектот посетете ги веб страните www.cea.org.mk и www.idscs.org.mk.
Слично

Поврзани вести