Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанска банка Битола успешно се справува со ковид кризата - добивка од над 82 милиони денари во првите три квартали

Стопанска банка Битола успешно се справува со ковид кризата - добивка од над 82 милиони денари во првите три квартали

Стопанска банка Битола ги објави финансиските извештаи за своето работење во првите девет месеци од годинава, кои покажуваат дека банката успешно се справува со предизвиците од ковид пандемијата, и за овој период успеала да оствари добивка. 

„Во периодот 1.1.- 30.9.2020 година Стопанска банка а.д. Битола континуирано го прилгодуваше своето работење на новонастанатата ситуација со пандемијата од вирусот COVID-19, која силно влијаеше на целокупниот домашен и глобален економски амбиент. Задржувајќи го фокусот кон остварување на клучните стратешки цели, Банката делуваше во насока пред се на наплата на дел од нефункционалните побарувања, а истовремено продолжувајќи со кредитна поддршка на правните субјекти и домаќинствата, притоа максимално залагајќи се за безбедност на клиентите при користењето на услугите на банката, како и за безбедност на вработените на работните места“, се вели во образложението на Стопанска банка на билансот на успех.

Оттаму нагласуваат дека успешното справување со наметнатите предизвици и брзото прилагодување на краткорочните активности придонесоа за остварување на позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.- 30.9.2020 година, односно добивка во износ од 82,35 милиони денари.

Какви се финансиските перформанси на Банката

Нето-приходите од камати за периодот 1.1.2020 - 30.9.2020 година изнесуваат 218,45 милиони денари. 

„Во услови на надолен тренд на активните каматни стапки на ниво на банкарски сектор, повеќекратно намалување на основната каматна стапка на НБРСМ, како и сите останати мерки кои се преземааа во врска со настанатата ситуација со вирусот COVID-19, приходите од камати се пониски за 8,94 отсто споредено со истиот период од минатата година, и покрај растот на кредитната активност. Со цел да се неутрализира ваквиот ефект, фокусот беше ставен на контрола на расходите по камати кои заблежаа подинамично намалување од 22,69 отсто, така што нето-приходите од камати се намалија за само 1,73 проценти. Реализацијата на планот за нето-приходи од камати изнесува 87,75 отсто“, објаснуваат од банката. 

Нето-приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 21,47 отсто споредено со претходната година. Притоа подинамичен раст имаа приходите од провизии и надоместоци, коишто се зголемија за 17,55 отсто споредено со остварувањето за периодот 1.1.2020 – 30.9.2019 година. Најголем придонес кон растот имаа приходите од провизии од платен промет во земјата и странство, како и приходите од провизии од картично работење. Расходите за провизии и надоместоци растеа со побавно темпо од 9,39 отсто. Остварените нето-приходи од провизии и надоместоци се повисоки од планираните за 4,88 отсто.

Нето-приходите од курсни разлики се повисоки за 1,40 отсто на годишна основа, а реализацијата на планот изнесува 97,32 отсто. Останатите приходи од дејноста се пониски за 27,86 процент, што се должи на помалку остварени капитални добивки од продажба на преземен имот, како и пониски приходи по основ на дивиденди. Планот во оваа позиција е реализиран со 73,70 отсто.

Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа е позитивна во износ од 26,02 милиони денари што се должи на поголем износ на ослободена исправка на вредност од наплатени нефункционални побарувања споредено со издвоената исправка на вредност согласно проценките за квалитетот на кредитните изложености. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа е негативна и изнесува 2,86 милиони денари.

Трошоците за вработените бележат намалување од 4,84 отсто споредено со претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 90,86 проценти. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 10,59 отсто, што е главно резултат на повисоки материјални и слични трошоци за набавка на заштитни маски, опрема, како и повисоки трошоци за хигиена и дезинфекција поради преземање на сите неопходни мерки за заштита на вработените и клиентите во согласност со насоките и препораките од надлежните органи за спречување на ширењето на вирусот COVID-19. Планот во оваа позиција е реализиран со 90,62 отсто.

Амортизацијата е зголемена за 10,56 отсто на годишна основа, додека реализацијата на планот изнесува 85,73 проценти.

Банката одлучи да не исдплати дивиденда за минатата година. 

„Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2019 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собрание на акционери одржана на 27.5.2020 година, банката не исплати дивиденда за 2019 година.

Недвижностите и опремата бележат намалување од 2,08 отсто споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2019 година.

Обврските по кредити се намалени за 37,91 отсто споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2019 година, а тоа се должи на поголема динамика на враќање средства по основа на кредитни линии отколку користењето средства по оваа основа.

„Во периодот што следува, сè поизвесно е дека глобалната економија до крај на тековната година ќе регистрира пад предизвикан од здравствената криза од вирусот COVID-19, кој би продолжил и во првата половина од 2021 година, по што се очекуваат првите знаци на економско опоравување. Заклучно со првата половина од тековната година бруто-домашниот производ во Р.С. Македонија се намали за 12,7 отсто на годишна основа, така што контракција на економската активност со сите последици што ги повлекува се очекува да продолжи и понатаму, во одредена мера одразувајќи ги движењата на економијата на еврозоната како најзначаен трговски партнер на Р.С. Македонија.

Банката будно ќе ги следи сите макроекономски параметри и интерни индикатори и ќе го приспособува своето работење на деловната клима и динамиката на пазарот, притоа водејќи прудентна политика првенствено насочена кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност. Интензивно ќе се работи на развој и понуда на производи приспособени на потребите на клиентите - правни и физички лица, што ќе бидат најпогодени од очекуваната криза. Како една од најзначајните стратешки определби на Банката останува понатамошната дигитализација на дел од услугите и процесите, особено во услови на работење кога е неопходно сведување на минимум на физичкото присуство на клиентите во банките. Активно ќе се следи постоечкото портфолио на кредити со цел да се преземат навремени мерки при детектирани тешкотии во отплатата, а заради одржување на квалитетот на кредитното портфолио. Во сила остануваат поставените стратешки и деловни цели, но доколку развојот на настаните наметне таква потреба, Банката ќе пристапи кон ревидирање на поставените плански големини“, се вели во образложението на финансиските резултати на Стопанска банка Битола. 

Слично

Поврзани вести