Станојевска Пецуровска: Најголем дел од природните непогоди во Македонија се пожари и поплави, затоа е потребна стратегија за адаптација кон климатските промени
Најголем дел од евидентираните природни непогоди, околу 80 проценти се пожарите и поплавите се вели во анализата на Центарот за климатски промени, која се однесува на појавата на природни непогоди во Македонија во периодот 2005 – 2022 година, анализирани по општини и региони.
- Анализата по општини покажува дека нај ранливи и најизложени на пожари се
општините Кочани, Кавадарци, Кратово, Неготино и Велес. Во однос на поплавите,
најзагрозени се Чешиново Облешево, Кочани и Демир Хисар. Во случајот на Кочани,
индикативно е што добар дел од поплавите се предизвикани од излевање на
атмосферски води, па неопходно е подобрување на релевантната инфраструктура.
Според плански региони, најголема изложеност на екстремни временски настани е
регистрирана во Вардарскиот регион, по што следуваат Источниот и
Североисточниот регион, вели претседателката од Центарот за климатски промени, Бојана
Станојевска Пецуровска.
Според анализата по години, најголем број на настани се евидентирани во 2011 и
2012 година (30% од вкупниот број настани во целокупниот анализиран период). Во
однос на евидентираната штета, мора да се истакне дека постојат податоци за
само мал дел од настаните (20%), но сепак таа е висока и изнесува над 82
милиони евра. Животот го загубиле повеќе од 30 лица, но притоа мора да се
истакне неусогласеноста кај различните извори на податоци во однос на овој
параметар.
- За жал, често дел од општините кои се најзасегнати односно најизложени на
природни непогоди, не се организирани во делот на справување со ризиците,
особено во делот на подготвеност на соодветни стратешки документи и планови, но
и во делот на кадровска и техничка екипираност. Слабостите во организацијата на
расположивите човечки капацитети, несоодветната приоретизација на овие проблеми
како и неодговорното буџетирање, често ќе биде и во иднина причина за
неисполнување на обврските на општините за справување со овие ризици и
последици, вели Станојевска Пецуровска.
Затоа, нагласуваат тие дека е потребна поголема свест и одговорност кај
донесувачите на одлуки на локално ниво, за важноста од регулирање на оваа сфера
и зајакнување на капацитетите за превенција и справување со овој вид ризици. Во
оваа насока добро е да се воспостави пракса на размена на искуства во склоп на
плански региони и/или помеѓу општини, во тесна соработка со Центарот за
управување со кризи (ЦУК).
- Неопходно е да се работи повеќе на утврдување на соодветни механизми кои ќе се
засноваат на системи за рано предупредување со цел да се спречат посериозни
последици. Одговорните институции и донесувачите на одлуки да започнат да ги
приоретизираат овие проблеми на локално ниво, да одвојуваат поголеми средства
за превенција, но и соодветно и навремено да планираат мерки со цел да
овозможат соодветен одговор кон идните природни непогоди и климатски екстреми.
Исто така неопходно е да започнеме да ги класифицираме високите, ниските
температури на воздухот, и сушата како природни непогоди, со цел понатамошна
анализа и реализација на соодветни мерки за справување со ризиците од овие
природни непогоди. Истовремено, неопходно е информациите за предвидувањата за
природни непогоди и евидентираните настани да бидат полесно достапни до
граѓаните и сите заинтересирани страни како би можело да се постигне поголема
заштита на граѓаните и отпорност кон природните непогоди, апелираат од Центарот
за климатски промени.
Анализата на екстремни временски настани е реализирана во рамките на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, финансиран преку проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници - МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. Изразените ставови и мислења се на авторите и издавачот и нужно не ги одразуваат позициите и ставовите на Еко-свест и на донаторот - Владата на Шведска.
ПР Објава