Со „Три света, плус еден“ заврши јубилејното 5. издание на Инфјужн фестивалот
Со движечката театарска претстава „Три света, плус еден“, на 20 јуни во Градскиот парк во Скопје беше заокружено јубилејното 5. издание на Инфјужн фестивалот, фестивал кој и оваа година ја отвори темата за инклузијата преку уметност, движење, јавен простор, комуникација и директно учество на публиката.
Финалното фестивалско искуство започна од кафулето во стариот дел на Градскиот парк во Скопје, каде повеќе од 20 учесници беа пречекани и воведени во патувањето низ различни „светови“. Секој од нив доби алка во различна боја, која го одредуваше пристапот до дел од искуството, создавајќи симболична, но силна претстава за тоа како изгледа кога пристапот до простор, култура, содржина или комуникација не е еднаков за сите.

Првиот свет го претстави искуството на лицата што користат колички. Дел од учесниците можеа да влезат и да бидат дел од кратко забавно шоу, додека останатите останаа на дистанца и можеа само да набљудуваат. Преку оваа едноставна, но впечатлива поставка, публиката директно го почувствува моментот на исклученост, непријатност и ограничен пристап што за многу граѓани не е симулација, туку секојдневие.
Во вториот свет, посветен на лицата со оштетен вид, учесниците работеа во тимови, со врзани очи, движејќи се низ просторот и извршувајќи различни предизвици. Овој дел од претставата ја отвори темата за довербата, ориентацијата, поддршката и потребата од средина која е разбирлива, безбедна и пристапна за секого.

Третиот свет беше посветен на лицата со оштетен слух. Во овој дел, дел од учесниците беа ставени во ситуација во која не постојат доволно јасни алтернативни начини на комуникација. Додека едни ја слушаа музиката преку слушалки, другите се обидуваа да ја препознаат песната без целосен пристап до информацијата. На тој начин, претставата на едноставен и интерактивен начин покажа колку е важна комуникацијата што ги вклучува сите, а не само оние што можат да слушнат, видат или се движат на ист начин.
Кулминацијата се случи на Летната сцена „Лепеза“, каде сите учесници заедно влегоа во четвртиот свет – светот што го создадоа заеднички. Токму овој дел ја испрати најважната порака на финалето: инклузијата е секојдневен избор, лична одговорност и начин на кој се гради општество во кое секој човек има простор да учествува, да создава, да ужива и да припаѓа.

Со оваа претстава, Инфјужн фестивалот уште еднаш покажа дека културата може да биде многу повеќе од програма, може да биде искуство што менува перспектива. Петтото издание на фестивалот ја спои публиката преку различни активности и содржини, награди за најдобрите, како и богата музичка програма на Летната сцена „Лепеза“.
И оваа година, зад фестивалската приказна стоеше Здружението „Икуалити“, со мисија да создава простор во кој сме сите заедно. Поддршка на ова издание даде и ПроКредит Банка, која втора година по ред е партнер на Инфјужн фестивалот. Покрај партнерската поддршка, ПроКредит се приклучи со волонтерски тим, кој беше дел од фестивалските активности и организацијата на терен. Со тоа, поддршката не остана само на ниво на партнерство, туку се претвори во убав пример за обединет тим кој носи промени.

Со 5. Инфјужн фестивал уште еднаш се испрати порака: инклузијата се гради преку присуство, разбирање, поддршка, за општество поотворено за сите.
ПР објава