Со Руско-македонски бизнис каталог до поголем извоз во Русија
Агенцијата за маркетинг и издaвачка дејност „Елита“ од Скопје го промовираше третиот Руско-македонски бизнис каталог насловен „По еден пат со светот, Русија и Македонија“.
Според рускиот амбасадор во земјава, Олег Николаевич Шчербак, вкупниот обем на руските директни инвестиции во реалниот сектор на македонската економија надмина 400 милиони долари и продолжува да расте, за што ја има поддршката од руските власти.
„ Задоволни сме од тоа што македонските компании, вклучувајќи ги и оние од земјоделството енергично бараат опции за да го зголемат извозот на своите продукти во Русија, ја прошируваат соработката со нови руски региони и поактивно учествуваат во специјализирани изложби кои се одржуваат таму. Овие напори веќе даваат позитивни резултати и очекуваме дека деловните посети на Русија планирани следните месеци на претставниците на македонскиот бизнис, како и на премиерот Никола Груевски на сибирскиот и источните региони на Русија ќе дадат дополнителен импулс за соработка и реализација на нови проекти“, рече амбасадорот Шчербак.
Истовремено, рече Амбасадорот, радува фактот што за 10 пати пораснал бројот на туристичките посети на Руси во Македонија.
Каталогот е илустриран водич, којшто нуди информации за руските компании кои се присутни на македонскиот пазар, односно имаат свои инвестиции во Македонија, како и повеќе успешни македонски компании кои сакаат да се претстават на рускиот пазар. Во годинешното издание е даден и кус осврт на повеќе македонски општини со акцент на културно-историското богатство и традицијата.
