Сликовницата „Шила“ од Калиопи Трпчева и Јана Мишо „шие“ волшебен свет што им помага на децата кои се поразлични од другите
Во весела атмосфера, со многубројни деца и нивните родители, во саботата (7 мај) на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, во рамките на Саемот на книгата, беше промовирана новата несекојдневна сликовница „Шила“ од авторката Јана Мишо и илустраторката Калиопи Трпчева. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја промовираше уредничката Оливера Ќорвезироска, а пред присутните (покрај авторскиот тандем) се обрати и дизајнерката Ангела Чучкова од „Арс Ламина“, која зборуваше за финалното графичко обликување на делото.
Ќорвезироска истакна дека „Шила“ е топла сликовница за патот до среќата на едно срамежливо девојче, „сошиена“ од лирската приказна на Јана Мишо и колоритните илустрации на Калиопи Трпчева. Играта со ткаенините, со машината за шиење, со копчињата и со конците е впечатлив, личен начин за изразување, но и за справување со емоциите кај децата, различни и поинакви во однос на другите околу нив. Волшебниот свет на Шила преку шиењето на сите попатни емоции низ растењето, нè води до зрелост и целосна исполнетост. Правејќи кукли, Шила го крои и го шие светот по мерка на среќата кон која сите се стремиме. Кругот на животот се свртува со безименото девојче на кое веќе возрасната Шила му помага побрзо и полесно да стане тоа што сака.
„Шила“ е книжевно-ликовен свет, напишан, нацртан и сошиен како поддршка за истрајноста, стрпливоста и самодовербата кај децата. Истовремено го реактуализира чудесниот подзаборавен свет на рачната работа.

– По објавувањето на моето прво авторско дело „Радосница“ (издание на „Арс Ламина“, 2019), што беше инспирирано и посветено на мојот син Марко, втората книга – „Шила“ ѝ ја посветувам на ќеркичката Неда. Ликот на Шила се роди пред да се создаде приказната. Ја нацртав за 20-тина минути со еден молив во блокче... Јас сум дипломиран сликар и илустратор, а една од моите омилени техники на кои работам е колажот. Многу често скицирам ликови, на каква било хартија што ми се наоѓа во моментот. Инспирацијата за сите мои дела произлегува од моите чувства, тага, радост, среќа... што ги прикажувам преку ликови во силен колорит и колаж. Така, еден ден со едно моливче на блокче го нацртав и ликот на Шила. Тогаш дојдов на идеја дека сакам да ги спојам сите медиуми на коишто творам: сликарството, илустрацијата, колажот и најбитното –моите чувства. На почетокот знаев само две работи за приказната: дека ќе постои Шила и дека таа ќе шие кукли според своите чувства – вели Трпчева.

Одлучила својата замисла за Шила да им ја претстави на уредниците во издавачката куќа „Арс Ламина“, со кои е долгогодишна соработничка. Идејата за Шила им се допаднала, но недостигало приказна... Така, во „кроењето“ на Шила се приклучила и писателката Јана Мишо.

– Беше уживање да се работи на текстот, а воодушевена сум од крајниот резултат. Се гордеам! Калиопи Трпчева е креатор на целата идеја за „Шила“, мене само ми припадна честа да ја напишам приказната. Шила ја имаше замислено како посебна и талентирана, но и повлечена карактеристика што често знае да дојде во комбинација со генијалност. На почетокот, имав неколку илустрации за инспирација и природно, без планирање, приказната ми отиде во тој правец – Шила да има дислексија. Паметно, талентирано и воспитано дете, но ете потиштено и срамежливо, зашто не знае да чита како нејзините врсници. Децата се комплицирани мали луѓе, секојдневно се соочуваат со нешта што им се нови, а кога се повлечени, не споделуваат секогаш што ги мачи. Во нашава приказна акцент е ставен на тешкотиите при читањето, но тоа е само пример. Можноста да ја раскажам приказната за дете кое само се научило да се справува со своите проблеми и нејаснотии, преку шиење кукли, што ѝ ги означуваат емоциите, за да ги разбере подобро, беше фантастична. Преку куклите, Шила учи како да реагира на светот, учи емпатија и наоѓа утеха. Таа шие за другарките, што потоа води до бескрајни игри и прекрасни моменти. Особено ми беше важно дека понатаму во животот станува остварена и исполнета девојка, која својата мудрост може да ја пренесе на други деца, кои допрва треба да пораснат, и избира нејзините кукли да ги сподели со светот. Со Калиопи се разбравме веднаш и многу сум среќна што ја остваривме прекрасната идеја што ја имаше – вели Мишо.
Промоцијата беше проследена со работилница за најмладите посетители, во која децата го цртаа, боеја и дополнуваа со лепенки светот на Шила.

Еден час претходно се одржа промоцијата на првата популарна книга за космологија, астрономија и космогонија напишана на македонски јазик, „Мултиверзум за почетници“ од Златко Василкоски. Кон книгата, покрај промоторот и уредник на книгата – Филип Видиновски, се осврнаа и проф. д-р Мимоза Ристова (Институт за физика), која укажа на научниот аспект значењето на авторот и делото и д-р Илина Јакимовска – која зборуваше за книжевниот аспект на ова дело, до агол на пошироката читателска публика.
Оваа книга, покрај тоа што е напишана на разбирлив јазик и неоптоварена со несовршеностите на преводот, е и исклучително актуелна, опфаќајќи и научни сознанија до кои е дојдено во 2021 година.
Мартин Карплус, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2013 година, за книгата на Златко ќе каже: „Ме воодушеви големата сеопфатност на книгата. Почнувајќи со потеклото на нашиот универзум, проследено со создавање на животот на Земјата, човековата цивилизација, па сè до денешната наука и идејата за мултиверзумот. Уште поважно е што овие идеи се многу јасно изложени, што ги прави достапни за читателите кои имаат само минимално разбирање на денешната физика“.
Авторот Златко Василкоски е горд велешанец кој на своите студенти во Харвард и на колегите ширум светот со љубов им раскажува за својата Македонија и за својот Велес. Повеќе од 30 години живее и работи во Бостон, САД, каде што ја води групата за вештачка интелигенција во компанијата „ЕБСКО индустрис“ (EBSCO Industries, Inc.), а на Универзитетот во Бостон предава анализа на податоци со вештачка интелигенција. Деновиве е на краток престој на Македонија.

Негово мислење е дека постои мултиверзум, но во поразлична форма од таа за која се претпоставува.
– Останува уште многу време за да се види какви многу нови работи ќе се појавуваат и ќе се случат во овој наш универзум. Нашата иднина се протега пред нас многу подалеку отколку минатото зад нас - вели тој.
Посетителите на штандот во текот на денот можеа, во рамките на настанот „На кафе со авторите на Арс Ламина“, да остварат средба и да добијат потпис од Зоран Спасов-Ѕоф („Торонто експрес“), Магде Ангова („Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“), Алма Растодер („Музеј на детството“), Сашо Кузмановски („Афера во музејот на пари“), Петар Стојановски („Храмот на натписите“), Марија Ралповска („Сенки во подземјето“) и Мери Арсова („Опасна игра“).
„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на годинашното 34. издание на Саемот на книгата се претставуваат под слоганот „По книгата денот се познава“.
ПР објава
