Скелет на изумрен слон пронајден во неготинско
Уникатно палеонтолошко откритие во близина на с. Долни Дисан, Неготинско. Пронајдени се фосилни остатоци од изумрен вид слон. Како што информираат од Природонаучниот музеј на Македонија, палеонтолошките ископувања продолжуваат и во моментов.
„Палеонтолошки екипи од Природонаучниот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј во Софија, од 20 април 2018 година започнаа со ископување на фосилни остатоци од изумрен вид слон (Choerolophodon pantelici), чија старост прелиминарно се проценува на околу осум милиони години. Фосилните остатоци беа откриени при заедничката теренска работа кај с. Долни Дисан во 2017 година. Досега откриените коски укажуваат дека се работи за зачуван значаен дел од скелетот на слонот“, соопштува в.д. директорот на Природонаучниот музеј на Македонија, Методија Велевски.
Според мислењето на стручниот тим, се работи за наод со големо научно значење. Фосилни остатоци од овој вид слон се најдени на повеќе локалитети во Македонија и ширум Евроазија, но комплетен скелет од ова животно досега не ѝ е познат на науката.
