Шпаркасе Банка Македонија со донација за Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид!
Во рамките на платформата за корпоративна општествена одговорност “Sparkasse Life”, Шпаркасе Банка Македонија реализираше донација кон Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид во вкупен износ од 378.780,00 денари за набавка на потребната медицинска опрема за физикална терапија. Преку реализација на донации Банката активно ги поддржува проектите од областа на здравството, со цел да се овозможат современи и подобри услови за користење на здравствените услуги во специјалните здравствени институции во државата.
Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија се третираат специјални видови заболувања, за кои е потребно континуирано подобрување на медицинската опрема со цел да се овозможи правилно и ефикасно дијагностицирање, како и овозможување современи третмани за физикална терапија. Донацијата беше реализирана со директна уплата на сметката на добавувачот на медицинската опрема „УНИ-МЕДИКАЛ ПСТ“ од Скопје, кои се приклучија во оваа донација преку обезбедување соодветни и поволни услови за набавка на потребната опрема и вршење на инсталација.

„Покрај банкарските понуди и услуги што се дел од нашата секојдневна комуникација со националните установи и институции, ние ги следиме потребите и барањата што имаат за цел подобрување и развој на општествените и здравствените услови, на локално и на регионално ниво.“ – се надоврза г. Зоран Дичевски, регионален директор на мрежата Западен регион во Шпаркасе Банка Македонија.
Поради отсуство на инвестициски фонд за перманентно финансирање на здравствените установи во делот на обнова и замена на стара амортизирана медицинска и друга опрема, Шпаркасе Банка Македонија преку реализација на оваа донација придонесе да се набави потребната опрема со која ќе може да се применуваат нови современи методи за дијагностицирање и лекување.
