Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нов јавен повик за земјоделците и преработувачите – тежи два милиона евра

Нов јавен повик за земјоделците и преработувачите – тежи два милиона евра
Два милиона евра се предвидени да се доделат во рамките на шестиот јавен повик за маркетиншка поддршка на земјоделските производи во примарното производство и во преработувачките капацитети. Повикот е веќе објавен, а сите заинтересирани до крајот на декември ќе можат да аплицираат за кофинансирање на инвестициите. . Како што соопшти директорот на Платежната агенција Тони Димовски, ова е продолжување на мерките за унапредување на земјоделството со воведување нова опрема и механизација. „Станува збор за набавка на трактори за примарно производство, како и опрема за преработка. Корисници на поддршката се сите физички и правни лица запишани во регистарот на земјоделските стопанства“, изјави Димовски. Истовремено тече и петтиот оглас за поддршка на извезено флаширано вино, преработен зеленчук извезен во стаклена амбалажа и на извезен ориз во пакување, потсети заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски. „Преку обезбедените средства за маркетинг на земјоделските производи директно им помагаме на извозно ориентираните преработувачки компании“, изјави тој појаснувајќи дека со јавниот повик, компаниите што го пласираат виното надвор од земјава ќе добијат средства за покривање 20 отсто од трошоците за етикети, купување шишиња, тапи и ПВЦ навлаки или максимум шест денари од шише. Со истиот повик, преработувачите на зеленчук и овошје добиваат до два денара од тегла, за набавка на тегли, метален капак и етикети. Преработувачите пак кои годинава оствариле поголем извоз од лани ќе користат поголема поддршка, до четири денари за тегла. Лани биле извезени 1,150 милиони хектолитри вино, а рекореден пласман има во индустријата за преработка на овошје и зеленчик. Според Коњановски расте интересот за формирање задруги, а објавениот оглас, вели тој,  е уште една потврда за поддршката на проивзодителите кои својата иднина ја гледаат здружени во кооперативи.  
Слично

Поврзани вести