СДСМ бара странски експерти да го откријат изворот на листеријата во Македонија
Владата да ангажира странски експерти за да се открие изворот на опасната бактерија листерија и да се спречи натамошната загуба на човечки животи во Македонија, бара опозицискиот СДСМ.
„Владата очигледно е неспособна самата да го открие изворот на листеријата. Помина премногу време, згаснаа човечки животи. Несериозно е однесувањето на надлежните државни институции кои со месеци не се способни да одговорат кој е изворот на опасната листерија. Згаснатите човечки животи алармираат на максимална сериозност и објаснување на клучните прашања на кои сè уште нема одговори“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Според опозициската партија, надлежните институции со месеци немаат конкретен одговор, што кај граѓаните предизвикува страв и сомнеж за тоа што смеат, а што не смеат да јадат.
„Фалбите на министерот Никола Тодоров за реформи во здравството, модерна технологија лаборатории, паднаа во вода. Кривичната пријава за непознат сторител проблемот не го реши. Апелираме Владата да го прифати предлогот на СДСМ. Се работи за граѓаните, нивното здравје, нивниот живот“, додаваат од СДСМ.
Во меѓувреме, Министерството за здравство преку МРТ денеска ги демантираше кочанските медиуми кои тврдат дека втор пациент инфициран со листерија од нивниот град починал. Според надлежните веста е погрешно пренесена, а досега 55-годишна жена е единствениот починат пациент од Кочани.
Слично
