„Samsung“ го подготвува „Galaxy S7“ со две големини на екранот
Информациите од корејското издание „ET News“ тврдат дека „Samsung“ се подготвува да пушти две серии на „Galaxy S7“, кои ќе имаат дисплеи со различна дијагонала.
Според нив уредот ќе биде достапен во две верзии со „5,2“ и „5,5“ инчен екран и на тој начин компанијата ќе одговори на практиката на „Apple“ да ги нуди своите модели во две големини, која започна со серијата „iPhone 6“.
Наведено е дека уредот, што се развива со кодирано име „Hero“, ќе влезе во масовно производство од февруари и речиси во исто време ќе биде и неговата презентација. Не е исклучено почетокот на продажбата да биде во март.
„ET News“ пишува дека моделот „Hero1“ ќе има рамен екран со дијагонала „5,2“ инчи, а поголемиот уред (Hero2) ќе биде опремен со билатерален извиткан дисплеј.
Тоа значи дека „Galaxy S7“ ќе е поголем од моделите „Galaxy S6“ кои нудат „5,1“ инчен дисплеј. Според изданието „Samsung“ ќе се фокусира на зголемување на продажбата на своите премиум телефони, за да го подобри и својот профит.
Се очекува првата група од „Galaxy S7“ да биде 5 милиони уреди, со што верзијата со рамен екран ќе е во тираж од 3,3 милиони телефони, а од „Galaxy S7 Edge“ ќе се произведат 1,6 милиони парчиња.
