Само партиски активисти земале оштета за поплавите во струмичко?
Од СДСМ обвинуваат за селективно исплаќање на помошта за штетите од поплавите кои пролетва го зафатија струмичкиот регион. Пратеникот од опозоцијата, Панче Орцев со презентирање на документ за исплата на оштета на жител на струмичко, тврди дека активистите на ВМРО ДПМНЕ се тие кои земале пари.
„Во овој документ се гледа дека е проценета штета на 259 илјади денари, а исплатени 30 проценти од штетата, значи 78 илјади денари. Значи, овој граѓанин е награден со илјада и триста евра само од една причина што е член и активист на ВМРО ДПМНЕ и од ништо друго“, рече Орцев кој истакна дека истиот граѓанин е запишан и во списокот на Општинската комисија за проценка на штетите, со проценета штета од 50 илјади денари.
Пратеникот тврди дека и по 8 месеци од поплавите, голем дел од најпогодените не се обештетени.
Орцев посочи дека ова прашање го упати и директно на премиерот Груевски и на вицепремиерот и министер за финансии Ставрески, односно дали планираат исплата на штетите од февруарските поплави.
Орцев посочи и дека владата мора да помогне за чистење на одводните канали, кои според него, последен пат се исчистени во 2005 година.
Слично
