„Сам во рој“ – книжевен бубариум кој помага во надминување на животните предизвици
Со пеперутки во стомакот и бубалки на реверот, со по некоја болва во уво и бубачки во главата, книжевните црвчиња, вредни како пчели, нурнаа во книгите и не дозволија молците да ја зафатат детската литература...
Исткајаа пајакова мрежа од приказни, кои како светулки блеснаа во мракот... Книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“ вчеравечер (19 февруари) за миг се претвори во вистински книжевен бубариум – место од кое полета новиот роман за деца „Сам во рој“ од новинарот, романописец и драмски автор Сашо Кокаланов, кој книгата ја потпишува под псевдонимот Иван Дричко. Промоцијата се одржа во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“.

– Малку му љубоморам на Иван Дричко. Јас, како Сашо Кокаланов, имам напишано еден куп романи без да влезам во толку тесен избор за некоја награда. А, тој, со првенчето, стигна до фотофиниш во друштво со едно вистинско ремек-дело, какво што сметам дека е „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски – и тоа за награда што го носи името на нашата најважна современа писателка. Не е фер, ама животот не е фер. Очигледно ќе морам повеќе да се потрудам за да ги достигнам книжевните успеси на Дричко.

– Ова е приказна за едно дете кое тргнува на патување надвор од границите на познатото, но не метафорично, туку сосема вистински... Тој сака само оддишка од секојдневното малтретирање – еднодневна пауза во која ќе биде сам со себе, а ќе го добие највозбудливиот ден во животот, една фина лекција што училиштето не може да му ја пружи. Буба е необичен и има необична љубов – сака инсекти. Често е кај училишниот психолог, како и кај психолози воопшто, зашто има проблеми со социјализацијата, со воспоставувањето и одржувањето другарства и со комуникацијата со врсниците. Да, Буба е специфичен, но не – ова не е книга што претендира да нуди одговори на горчливите прашања. Ако, попатно, раскажувајќи ја приказната на Буба, читателката или читателот стигне до некој одговор – супер. Ако само остане со Буба до крај затоа што му било интересно неговото патување – и тоа е супер – вели авторот.

– Детето што е инспирација за книгата беше незаинтересирано за дружењето, за игрите на плажата или во водата. Залови неколку инсекти, им направи живеалиште и влезе во своја приказна. Всушност, добив впечаток дека тој постојано е во таа приказна. На прашања што не беа поврзани со инсектите одговараше со едно зборче, а прашајте го нешто за нив – не можеше да се сопре. Тоа ме фасцинираше. Секогаш се обидуваме да им создадеме на нашите ликови необичен свет за да можеме да ја создадеме драмата околу нив, а тоа дете својот необичен свет си го поседуваше само за себе и го носеше секаде со себе – како полжавот што си ја носи куќата со себе. Тоа ме фасцинираше. Не само едно дете – сите можеме да научиме од Буба како да си изградиме свет во кој ни е удобно.

– Бубариумот е, всушност, инсектариум, но Буба ги сака инсектите, не сака да ги убива, па затоа ги црта. Тоа што го нацртал и запишал за секој од инсектите може да му помогне на читателот подобро да ја разбере неговата страст, а некому можеби ќе му прозвучи како подметнување енциклопедиско знаење од биологија во литература. За тие што веруваат дека зад романот се крие заговор со строгите наставнички по биологија, добро е што бубариумот е во едно парче, спакуван така што може да се чита, да се прелиста, но и да се прескокне и да се продолжи со финалето на приказната.
Ова е втора книга за деца под псевдонимот Иван Дричко, по сликовницата „Непотизам“, а претходеа и многубројни објави во списанието за деца „Ѕвезди“. Открива дека псевдонимот Иван Дричко го исковал од имињата на двајца негови дедовци, кои не ги запознал лично, туку преку приказните за нив.- Споменот на тие приказни го врзувам со детството. Тоа беше обид, можеби задоцнет, да го пронајдам детето во мене и да сфатам колку знае да биде убава наивноста што некогаш сум ја презирал.... Инаку, првпат сериозно се соочив со овој предизвик (пишување за деца) пред неколку години, кога требаше да адаптирам делови од „Зоки Поки“ за детска ТВ-серија. Иако сум родител речиси 20 години, тогаш на поинаков начин ја сфатив мислата: „Ако од децата ја сакате вистината – немојте да ги лажете“. Децата ловат фреквенции на искреност и „фејкување“ што ние не можеме ни да ги регистрираме. Буба би додал – како инсектите... За авторите голем предизвик денес е да се напише книга што ќе ги заинтересира младите. Вниманието на младите денес е скапоцено богатство и за него се бориме со разни ламји. Повремено добиваме по некоја битка, а инаку гласно кукаме дека војната е загубена – вели тој на крајот.
Книгата „Сам во рој“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
Целосната програма на „Денови на литературата“ може да ја проследите на следниот линк: https://www.literatura.mk/denovinaliteraturata
ПР објава
