Економија, финансии, бизнис

Контакт

САКАЛА ДА БИДЕ ПОЛИЦАЈКА, НО СТАНАЛА СТЈУАРДЕСА: За неполни седум години го видела скоро целиот свет

САКАЛА ДА БИДЕ ПОЛИЦАЈКА, НО СТАНАЛА СТЈУАРДЕСА: За неполни седум години го видела  скоро целиот свет

Саниела Бошкова од Гостивар иако имала голема желба да биде полицајка, откако не успеала почнала да работи во родниот град, да студира англиски јазик, по што се создала шанса да замине надвор од Македонија, а денес и да работи како стјуардеса во катарска авиокомпанија.

Со години менувала работни места, учела различни работи, преку Еразмус програмата заминала во Шпанија, потоа работела во хотел во Дубаи, за да на крај  ја добие работата која ја обожава и од која добро заработува.

„Ме повикаа имав интервју за работа во  хотел со 5 ѕвезди да работам нешто како келнерка,  сомелиер во вип лаунч и за неполн месец бев во Дубаи заедно со уште една девојка. Добро нè пречекаа, морав да ги учам сите скапи вина на памет, бев добра во мојата работа и упорна иако  беше малку тешко. Еден ден гледајќи ме како работам еден од моите менаџери ми рече дека местото не ми е тука и дека треба да пробам за авијација. Не знаев баш многу како одат работите таму и како можеш да аплицираш. Наредниот ден во весник видов имаше приватен курс за кој сака да работи како стујардеса и тоа малку што го заработував го дадов за тој курс. Научив што и како треба и почнав да аплицирам. Прво аплицирав за Емирати и добив работа да работам на земја во аеродромот и во исто време аплицирав и за Катар аирвејс. Имав 2 опции за работа. Иако го обожавав Дубаи и имав многу пријатели се одлучив за Катар. Беше голем предизвик да дојдам тука, не познавав никого бев сосема сама“- вели таа.

Првите неколку месеци за неа биле тешки затоа што морала да учи нови работи, да се прилагоди и имало голема дисциплина.

Бошкова вели дека за да се стане стјуардеса мора да се поминат повеќе тестови, медицински, психолошки, да се провери нивото на познавање на англиски јазик.  Мора да се знае како да се работи под стрес, постојано да се биде насмеан и да се внимава на изгледот.

„За јазици доволен е англискиот. Но, ако знаеш повеќе тоа е плус. Тука сите зборуваат англиски. Се поминуваат доста тестови за да се добие оваа работа.  Имаме тест за граматика англиски, пишување. При секој тест некои отпаѓаат, а другите одат во друг круг. Јас аплицирав од Дубаи и таму имаше многу конкуренција. Од сите тие мислам дека бевме избрани само 3“- објаснува Бошкова.

Вели дека заработката е добра, а за 7 години прошетала 80% од светот. Со платата вели дека може да се живее убаво, но и да се штеди.

„Секој ден е различен. Различни колеги од секоја земја. Различна дестинација, патници. Секој ден е предизвик. Во Македонија доаѓам често. Ми недостигаат пријателите, семејството, храната. Имаме многу убава земја, а исто и моите колеги ги слушам како им се допаѓа Македонија. Многу убаво би живееле во Македонија да нема неправда и политика. Не би можела засега да се вратам сè додека е вака како што е. Не сакам еден ден и на моите деца некој да им го уништи сонот. Многу пријатели коишто завршиле универзитет немаат работа или пак работат за многу мала плата што не им е по струка само за да преживеат. За неколку години нема да има многу млади во Македонија ако продолжат со оваа политика. Секој сака само да бега некаде. Жалосно е да бегаш од својот дом. Партиите кај нас се борат кој ќе биде на власт наместо да се соединат и да градат иднина за младите“ – смета Бошкова.

Таа нагласува дека во Македонија иако била упорна, сепак не успеала да влезе во полиција, па дури ѝ било посочено дека ако нема врски нема да добие работа. По ова сфатила дека во Македонија нема место за неа.

Од местата кои ги посетила омилени за неа се Единбург, Сингапур, Тајланд, Бостон.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести