Економија, финансии, бизнис

Контакт

РСС: Усвоени заклучоци за спроведување на Декларацијата за интеграција на Ромите

РСС: Усвоени заклучоци за спроведување на Декларацијата за интеграција на Ромите

Заеднички заклучоци околу спроведувањето на Декларацијата за интеграција на Ромите на Западен Балкан усвоена уште лани на самитот во Познањ, е резултат од денешната министерска средба во Тирана на земјите од регионот, во организација на албанската влада и Регионалниот совет за соработка (РСС), а на која учествуваа и високи претставници од Европскта комисија.


Заклучоците се однесуваат на легализација и обезбедување на соодветно домување на Ромите, при што РСС треба да го олеснува овој процес, на искоренување на апатридијата и механизми за нејзино спречување, одговорно буџетирање за прашањата на Ромите, учество на Западен Балкан во стратешката рамка на ЕУ за рамноправност, вклучување и учеството на Ромите за периодот 2020-2030 и други, соопшти РСС.

„Интеграцијата на Ромите не треба да е прашање на емпатија кон една загрозена група, туку прашање на принцип на еднакво постапување кон сите граѓани“, рече на состанокот Мајлинда Брегу, генералната секретарка на РСС.

Таа ги изнесе податоците дека Ромите претставуваат најчувствителна група на население во Западен Балкан, бидејќи 88 отсто живеат во тешка материјална ситуација, дури еден од двајца Роми не можат да обезбедат храна секој ден, само 16 отсто се вработени, а речиси 10 отсто немаат ни лична карта.

Комесарот за проширување и добрососедство на ЕК Оливер Вархеи изрази уверување дека новиот инвестициски план на Унијата за Западен Балкан ќе има директно влијание и на ова прашање.

 „Вашето лично ангажирање на интеграцијата на Ромите е неопходно и неизбежно. Очекувам дека вие и вашите лидери на следниот самит во Софија ќе ја потврдите својата определеност да се остварат резултати во важни области, особено во областа на образованието на Ромите и нивното вклучување на пазарот на труд“, рече Вархеи обраќајќи им се на министрите.

Република Северна Македонија на состанокот ја претставуваше министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шапхаска. 

Слично

Поврзани вести