РЕПОРТАЖА: Немаш тутун – не си прилепчанец
Може да си помалку или повеќе образован, невработен или вработен, млад и силен или веќе „овенат”, ама не може да немаш мирис на тутунски катран под ноктите. Во Прилеп сите растат и венеат заедно со тутунот.
„А што мислиш ти, Марко Крале пиел тутун или не? “ –ме прашува, изгледа колку да ме збуни, сувото старче, додека ги шета очите од веќе оголените стебленца тутун во нивата пред себе, до карпестиот рид што доминира над населбата Варош, со Марковите кули на врвот.
„А, бе, кај можел да најди тутун, кога во негово време не бил ни роден Колумбо, а друг јунак не се нашол да ја открива Америка и да го донесе ова проклетство ваму, во Европа!” – сам си одговара старечкиот, обидувајќи се да ме воведе во историјата на тутунското производство во најтутунарскиот град во Македонија.
Дедо Петре Мирчески, земјоделски техничар кој целиот работен век го помина во прилепскиот тутунски комбинат, вели дека, всушност, никој не знае во кое време треба да се бараат почетоците на тутунопроизводството во Прилеп.
„Овде луѓето и тутунот растат и венеат заедно. Така е со генерации наназад. Посебно интензивно од шеесетите години на минатиот век, кога масовно доселениците од селата во градот го избрале за главен извор на средства за егзистенција. Ама денес, сеедно дали си малку или многу образован, дали си невработен или вработен, млад и силен или „овенат”, мора да работиш тутун, барем на некое декарче земја. Оти немаш тутун, немаш мирис на тутунски катран под ноктите- ти не си прилепчанец! “
На прилепските тутунари во овој дел од годината прилично им олеснува. Целиот род конечно е собран и прибран, преостанува само уште да се досуши последната, главно и најквалитетна берба. Најголемиот дел од заработувачката доаѓа од неа, па затоа и посебно се внимава на сушилниците сега- да бидат максимум изложени на скржавото есенско сонце и максимум заштитени од дождови.
Не би можел цела оваа работа Дедо Петре да ја работи сам, ако покрај него ја немаше како што вели „неговата тинејџерска љубов.”

Баба Илинка, слаба женичка, која цело време е на нозе и нешто работи. Тутунот ја ослабил, а сонцето го испечило лицето. Таа работи исто како него и се „ортаци” од кога се заедно.
„Работатата околу тутунот ти е училиште за очовењување. Децата и пред да почнат на училиште, знаат како се нижи и не се жалат дека е тешко. Прилепчани од деца стекнуваат навика за работа” – раскажува Баба Илинка.
Не беше неопходно ова да го слушнам од неа. Летоска кога непланирано се најдов во Прилеп, кај ова закоравено тутунарско семејство, тоа што ми го раскажува Баба Илинка го видов со свои очи.
Децата рамноправно работат со возрасните, пејат и се натпeјуваат, небаре имаат фестивал, а не напорна физичка работа.
Тутунарскиот живот ним им вроден од мали нозе и не бараат друга алтернатива. Тоа е Прилеп, тоа се прилепчани.
Ирена Каревска


