Репортажа: Лефкада - дивата тиркизна кралица на Јонското море
Ако сте за одмор различен од вообичаената грчка понуда на која сме навикнале, ако сакате да го смените стилот „прв, втор и трет ред до плажа“, ако сакате авантура и сурова прекрасна природа и морска идила, ако сакате да се капете во млеко и да уживате во пена од бранови или да пробате лет со параглајдер и да возите велосипед тогаш дефинитивно треба да ја посетите Лефкада, остров во Јонското море на стотина километри од големиот грчки град Јанина во областа Епир.
Двете лица на Лефкада
Овој остров има две лица, а тоа се неговите две страни. Едната свртена кон копното на која се и двата поголеми градови и пристаништа Лефкада и Нидри и другата посебната и застрашувачки убавата страна која гледа кон отворено море и на која во потег од триесетина километри се начичкани неверојатните плажи: Милос дивата убавица до која се стига само пеш, Катизма пространата песочна плажа „Мека“ за параглајдеристите, Порто Кацики и Егремни светските атракции и Агио Фили, преубаво диво катче на крајниот југ на островот.
На островот се стигна по копно од градот Превеза преку подземен тунел. По брегот на Јонското море речиси до Превеза се стигнува по автопатот Виа Игнациа кој ја поврзува Јанина со Солун. Од Солун до Јанина има три патарини кои чинат 6 евра, а преодот низ тунелот до островот чини уште 3 евра.
По пристигнувањето на островот треба да ја фатите десната страна од градот Лефкада и да се упатите кон малото пикторескно село Агиос Никитас, на дваесетина километри возење. Порано населено со рибари кои во меѓувреме се трансформирале во туристички работници. Селото се наоѓа во тесен и стрмен усек нуди убава бела калдрма, камени куќи во стара медитеранска архитектура, таверни и срдечни домаќини. Никому не му пречи кога ќе кажете дека сте Македонци. Љубезно ќе се насмеат и речат повелете!
Непосредно до селото се наоѓа првата од преубавите плажи – Милос, наречена по старата мелница на ветер во нејзина близина. Пространа плажа на која има покрупен песок, ситни камења и најчесто бранови. Се капете во пена од брановите. Милос е единствена по тоа што е некомерцијална плажа, таму нема шанкови, нема таверна и се стигнува само пеш по стотина и повеќе скали кои треба првин да ги симнете, а потоа да ги искачите. Пристапот е од центарот на Агиос Никитас и се оди низ ниска шума, а иако патувањето не е лесно, награда за маката е прекрасниот поглед.
Во близина на Агио Никити се наоѓа и прекрасната плажа Катизма. Пространа посеана со ситен убав песок и долга неколку километри. На плажата има неколку ресторани кои нудат амбиент за опуштање и убави моменти. Сепак најспектакуларно нешто во понудата на Катизма се парагладеристите кои бестрашно полетуваат од врвовите над Катизма. Секој што има храброст и 35 евра може да „се роди во воздух“ и да ужива во убавините на морето на Катизма. Оваа плажа се наоѓа на околу 2 километри од Агио Никити и препорачливо е да се патува со автомобил или со локален автобуски превоз.
Порто Кацики е бесценетиот дијамант во круната на кралицата Лефкада. Плажата се наоѓа на четириесетина километри од Лефкада или на дваесетина километри од Агиос Никитас. Се вози во најголем дел по локален асфалтиран, но тесен пат кој поминува низ неколку ридски села. Секое од нив нуди своја приказна, посебна убавина, но секаде може да купите различни видови мед. Ако одите со автомобил внимавајте на кочниците и возете внимателно, полека и будно. Пред вас првин ќе се отвори фантастичен поглед на морски гребен стравично висок. Под него прекрасна камена плажа и море со единствена сина боја каква што можете да видите само таму. Потсетува на разгледница или на филмски кадар. До плажата се стигнува по стотина скали кои се спуштаат од најблискиот паркинг на кој за цел ден плаќате 5 евра. На плажата има лежалки, чадори и гостољубиви угостители кои ќе ви поделат памфлет со палета на јадења, сладоледи и пијалоци од нивниот ресторан кој се наоѓа горе над паркингот. Вие само нарачувате доставата е нивна грижа. Се препуштате на невидениот хедонизам и млечната белина на водата, сончевата магија што може да ја почувствувате само таму особено по затворањето за публика на нејзиниот брат близнак – плажата Егремни која настрада во земјотрес пред три години и од тогаш е недостапна за јавност.
На крајниот југ на Лефкада ќе ве пречека малото убаво градче Василики познато во светски размери по натпреварите во едриличарење. Местото е светска мека за едриличари заради константниот ветер и е место со многу ветрови денови. На неколку километри од Василики се наоѓа плажата Агио Фили за сите кои повеќе сакаат да се капат одошто за едриличарат. До таму се стига по асфалтен пат кој во последните два километри преминува во земјен пат кој на крајот завршува со паркинг за возилата и е бесплатен. Од таму до плажата се пешачи уште десетина минути, но верувајте дека напорот вреди.
Од другата страна на Лефкада се оди кон пристаништето Нидри од каде можете да се качите на некој од патничките бродови и да крстарите околу Лефкада и околните острови Кефалонија и мини архипелагот Скорпиди во кој еден од трите острови му припаѓа на семејството Оназис. За целодневно уживање со забава и ручек на бродот ќе платите околу 30 евра по лице.
Има и други убавини кои ќе може да ги видите само кога ќе дојдете на Лефкада.
Р.Ф.