Економија, финансии, бизнис

Контакт

Регионални експерти се состануваат во Скопје да дискутираат за легислатива за консолидација на земјиште

Регионални експерти се состануваат во Скопје да дискутираат за легислатива за консолидација на земјиште

Идентификување на најдобри регионални практики и развивање на заеднички пристап кон легислативата за консолидација на земјиште во земјите од Западен Балкан се во фокусот на тридневната Меѓународна работилница – ЛЕНДНЕТ, која денеска започна во Скопје.

Работилницата е во организација на ФАО и Работната група за земјишна администрација при Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ) и е дел од поширока соработка  во областа на консолидацијата на земјиште со други партнери, вклучително холандскиот катастар и Техничкиот универзитет во Минхен. Работилницата е поддржана и од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и ГИЗ.

Повеќе од 140 експерти за управување со земјиште од над 30 земји и организации од Европа и Централна Азија се собрани во Скопје  да дискутираат за и да ги потврдат препораките од регионалната студија на ФАО за легислатива за консолидација на земјиште. Целта на студијата е да им се помогне на земјите – членки на ФАО при развивање на националните правни рамки за консолидација на земјиште, засновани на најдобри меѓународни практики.

"ФАО работи со државите да ги подготви при воведување на консолидацијата на земјиште и при развивање на целосно функционални национални програми за консолидација на земјиште", изјави експертот на ФАО за управување со земјиште, Мортен Хартвигсен.

"Во Македонија, преку тековниот проект финансиран од Европската Унија – МАИНЛАНД - ФАО работи да им помогне на земјоделците, сопственици на земјиште и руралните заедници да го решат проблемот со прекумерната расцепканост на земјиштето, малата површина на земјоделските стопанства и недоволно развиената земјоделска инфраструктура", истакна Хартвигсен. "Со соодветна експертиза и зајакнување на капацитетите на Министерството за земјоделство, клучните државни агенции и геодетските компании, ЕУ и ФАО даваат поддршка во спроведување на првиот циклус постапки за консолидација на земјиште во рамките на Националната програма за консолидација ".

"Преку проектот MAINLAND, финансиран од ЕУ, ФАО работи да им помогне на земјоделците, сопственици на земјиште и руралните заедници да го решат проблемот со прекумерната расцепканост на земјиштето, малата површина на земјоделските стопанства и недоволно развиената земјоделска инфраструктура”

Мортен Хартвигсен

ФАО Експерт за управување со земјиште

Со цел создавање на поволни услови за земјоделско производство во полза на семејните земјоделски стопанства -  и подобрување на конкурентноста и продуктивноста на земјоделското производство и условите за живот во руралните средини во тој процес - ФАО и Министерството за земјоделство континуирано соработуваат за подобрување на законската рамка за консолидација на земјиште во Македонија.

“Измените на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, кои се усвоија од страна на македонскиот Парламент во мај годинава се важен чекор кон ефикасно и транспарентно спроведување на активностите за консолидација на земјиштето на терен, во согласност со најдобрите меѓународни принципи за консолидација”, истакна Хартвигсен.

Работилницата ја отвори Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакнувајќи дека Министерството има задоволство да работи со Делегацијата на Европската Унија и ФАО за спроведување на овој многу важен проект за земјоделството во Македонија. Тој истакна дека, со сега веќе воспоставена цврста правна основа за консолидација на земјиште, имплементацијата во 12-те неодамна избрани подрачја за консолидација е од големо значење.

ЛЕНДНЕТ е растечка мрежа на експерти за управување со земјиште од  Европа и Централна Азија. На иницијатива на ФАО, тие редовно се состануваат од 2002 година со цел размена на искуства и идеи за консолидација на земјиште, банки на земјиште и развој на пазарот на земјиште.

Фокус теми на работилницата ЛЕНДНЕТ во Скопје, покрај правната рамка, се проблемите со регистрацијата на земјиштето како дел од процесот на консолидација, како и родовите принципи и прашања во управувањето со земјиште во земјите од Западен Балкан.

Учесниците доаѓаат од Албанија, Белгија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Германија, Данска, Естонија, Косово, Киргистан, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија,  Украина, Узбекистан, Унгарија, Русија, Србија, Словенија, Турција, Финска, Франција, Холандија, Црна Гора, Чешка, Шпанија.

ГИЗ и ФАО во моментов работат на унапредување на Целта за одржлив развој, таргет 5.а, во насока на намалување на постоечките родови нееднаквости во управувањето со земјоделското земјиште во земјите од Западен Балкан.

ФАО работи на многу сродни активности во регионот на Европа и Централна Азија, во рамките на Регионалната иницијатива за зајакнување на малите и семејни фарми за подобрување на руралниот живот и намалување на сиромаштијата.


Слично

Поврзани вести