Регионална соработка за поддршка на жртви и сведоци во кривични дела
Повеќе од 40 професионалци и практичари од правосудниот сектор и социјалните служби од регионот, во изминатите два дена, разменија искуства и дискутираа како да се подобри поддршката на жртви и сведоци, како и работата со жртви на сексуално насилство, жртви на воени злосторства и други кривични дела. На конференцијата, која ја организираше Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со поддршка на Европската Унија, учествуваа службеници за поддршка на жртви и сведоци од Босна и Херцеговина, Косово[1], Северна Македонија, Србија и Црна Гора, а како набљудувачи се вклучија претставници од Хрватска.

„Оваа конференција е доказ за нашата колективна заложба за споделување искуства, комуникација, соработка и зголемување на заедницата на практичари кои се посветени на клучната цел за подобрување на судските услуги за поддршка на жртви и сведоци. На овој начин, ја зајакнуваме нашата колективна способност да работиме на комплексните прашања во делот на кривичното право, и да изградиме една регионална платформа за размена на идеи, гледишта и најдобри практики“, рече Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.
Од министерството за правда порачаа дека во изинатиот период се интензивирани активностите за изготвување нови законски решенија во казнено-правната област, а во исто време во тек се измените на Законот за кривична постапка и носењето нов Кривичен законик.

„Имајќи го предвид фактот дека Законот за кривична постапка е своевиден устав на човековите права, нашите активности во оваа област ги насочивме кон усогласување на законот со најновите меѓунраодни стандарди во казненото процесно право, а особено најновите директиви на Европската Унија во оваа област“, изјави Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда.

Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а го имплементира УНДП. Главните цели на проектот се да се адресираат дел од последиците од вооружените конфликти во регионот, да се зајакне владеењето на правото и општествената отпорност и кохезија и да се поддржат напредокот кон Европската Унија и одржливиот мир во регионот.

[1]За Европската Унија, оваа ознака не прејудицира ставови за статусот и е во согалсност со Резолуцијата UNSCR 1244/1999 и Мислењето на Меѓународниот суд на правдата за Декларацијата за независност на Косово. За УНДП, сите референци на Косово треба да се разберат во контекст на Резолуцијата на ОН 1244/1999.
