Раст на плати во време на 14 години стагнација на продуктивноста
Поголемата продуктивност е основата за креирање на поголема додадена вредност, повисок економски раст, а со тоа обезбедување и поголеми плати и подобар животен стандард. Нобеловецот Штиглиц посочува дека секој го добива својот удел во економскиот резултат согласно тоа колку придонесол во него.
Економската теорија исто така вели дека растот на доходот, без раст на економскиот резултат влијае на обезвреднување на парите - по пазарната логика „повеќе пари - помалку стоки и услуги“.
Согласно податоците на Светската банка, во периодот 1993 до 1996 година и од 2001 до 2008 година има силен раст на продуктивноста, додека понатаму следуваат поумерени нагорни и надолни корекции, согласно циклусот во кој се наоѓала економијата.
Според овој индикатор, Република Северна Македонија во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен. Овој резултат е блиску до земјите од Западен Балкан. Имено, за истиот период, Црна Гора продуцирала 50.865 долари по вработен, Босна и Херцеговина 47.051 долари, Србија 43.874 долари, а Албанија 31.883 долари по вработен. Во споредба со другите земји во наша близина веќе се забележува поголема разлика, на пример Словенија истата година остварила 79.612 долари по вработен, додека Хрватска 67.138 долари. Во споредба со просекот на Европската унија (93.073 долари по вработен) заостануваме скоро двојно. Германија, како најголема економија во ЕУ, продуцирала 100.765 долари по вработен во 2020 година.
Ова укажува на тоа дека доколку на долг рок се цели кон подобрување на животниот стандард, потребни се структурни реформи кои ќе ја подобрат продуктивноста. Тука е пред се човечкиот капитал, кој е двигател на останатите фактори на продуктивност.
Согласно податоците на Светска банка индексот на човечкиот капитал кај нас е подобрен од 0,54 на 0,56 помеѓу 2010 и 2020 година, согласно Индексот на човечки капитал на Светска банка. Сепак и ова ниво е доста ниско бидејќи означува дека дете родено во Северна Македонија денес, кога ќе порасне ќе искористи само 56% од својата потенцијална продуктивност. За споредба, дете родено во развиените економии ќе достигне 80% од својата продуктивност, додека во ЕУ просекот е 0,75, или 75% од потенцијалната продуктивност.
Исто така, Светска банка посочува дека децата кај нас до својата 18 година посетуваат 11 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години. Ова значи дека начите деца губат 3,7 години во училишните клупи, во однос на она што треба да го научат и го научиле.
Сето ова укажува дека е потребна стратегија со која уште од предучилишна возраст ќе се вложува во образованието и унапредување на вештините на населението, а понатаму со соодветно усмерување ќе се насочат кон точките каде ќе бидат најпродуктивни на пазарот на труд. Еден аспект од тоа се активните мерки за вработување, со кои се репозиционираат вештините и способностите на пазарот на труд. Друг аспект треба да биде усмереното образование, вклучително и високото образование кое кај нас во континуитет опаѓа во светски стандарди не нуди соодветна практична примена.
Исто така, во насока на раст на продуктивноста е дигитализацијата и ИКТ вештините. Една студија на Европската банка за обнова и развој покажала дека земјите со повисок степен на дигитализација се попродуктивните, бидејќи работат попаметно - смарт. Во оваа насока потребна е долгорочна стратегија која би ги зајакнала инвестициите во дигитализацијата и би придонела за ориентирање на јавниот и приватниот сектор за користење на нејзините бенефити.
