Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРВАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА РОТАРИ ДИСТРИКТ 1912 (СЛОВЕНИЈА И МАКЕДОНИЈА) ОДРЖАНА НА МАКЕДОНСКО ТЛО СОБРА НАД 300 РОТАРИЈАНЦИ

ПРВАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА РОТАРИ ДИСТРИКТ 1912 (СЛОВЕНИЈА И МАКЕДОНИЈА) ОДРЖАНА НА МАКЕДОНСКО ТЛО СОБРА НАД 300 РОТАРИЈАНЦИ

Со присуство на над 300 ротаријанци, со многу културни настани, искрено пријателство и со силни пораки за важноста и придонесот на Ротари заедницата за подобар свет, успешно заврши Годишната конференција на Ротари Дистриктот 1912 (Македонија и Словенија), која од 9 до 11 јуни за првпат се одржа во нашата земја, во Битола. На овој голем годишен ротаријански собир, организиран од Сојузот на македонските Ротари клубови и од клубот-домаќин РК Битола, се собраа членови на Ротари од Македонија и од Словенија и други претставници на глобалната Ротари заедница.

Со традиционалното удирање на Ротаријанското ѕвоно во Народниот театар во Битола, господинот Раде Христовски, гувернер на Ротари Дистриктот 1912 за 2022/23 година и долгогодишен посветен Ротаријанец, го означи почетокот на Дистриктната конференција.

„Јас вака го замислувам Ротари. Со многу пријатели од сите страни, со искрени пријателства и незапирливи дружења, луѓе какви што светската заедница посакува и како што се вели во песната, „можеби сум сонувач, но не сум само јас“. Денес гледам дека овде сме собрани сите ние кои сонуваме за Ротари и кои го замислуваме онаков каков што сакаме да биде – посилен, поголем, поуспешен. Ми претставува посебна чест и голема одговорност што сум пред вас како гувернер и домаќин токму во мојот роден град Битола, градот на мојот матичен Ротари клуб. Ајде сите заедно да сонуваме, но и да делуваме за подобар свет. Да сонуваме во Ротари, да деjствуваме како Ротари!“, порача гувернерот во заминување Раде Христовски.

Министерката за култура, Бисера Костадонива–Стојчевска, истакна колку е важен човечкиот потенцијал за премостување на предизвиците и отворање перспективи за подобра иднина во вакви сложени времиња. А, Ротари е глобална мрежа составена од луѓе кои решаваат големи проблеми, кои здружено преземаат акции и прават трајни промени на полето на писменоста, мирот, животната средина... Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја истакна важноста од одржувањето на Дистриктната конференција во Битола, а кај присутните ја препозна посветеноста за создавање подобро општество, кое не се создава преку ноќ.

Дистриктот 1912 во ротаријанската 2022/23 година имаше повеќе од успешни проекти. Гувернерот Христовски го сумираше своето гувернерско работење со преглед на собраните и искористени финансии, проектирани и реализирани планови, како и на сегментите кои очекува да се подобрат во иднина. Дистриктот 1912 е особено горд на два проекти, кои се во духот на основното мото на Ротари – „Служба над сопствените интереси”. Ротари клубот Скопје Центар, поддржан од Ротари фондацијата, УСАИД и програмата Hearts of Europe, го реализираше проектот за донација на медицинска опрема вредна 122.000 долари на Универзитетската клиника по хируршки болести во Скопје, Клиниката за кардиологија, КАРИЛ, Клиниката за инфективни болести и на Ургентниот центар во Скопје. Како нов еколошки проект, пак, стартува „BEE STOPS“, за кој специјално на оваа конференција беше организиран комитет, чија цел е зголемување на фондот за поддршка.

Во духот на својата хуманост и грижа за општеството, Здруженето на мотоциклисти, како е едно од најактивните во Дистриктот 1912, и Ротари клубот Битола донираа 2.000 долари за две социјално загрозени семејства од Битола.

Гувернерот Христовски им додели и признанија на најпосветените Ротаријанци во актуелната ротаријанска година. Четирикратна „Пол Харис“ значка доби поранешниот гувернер Душан Петеркович, а двократни „Пол Харис“ значки добија Николче Петкоски и Сашко Целаковски. Признанија за посебен придонес во функционирање на Дистриктот 1912 добија Огнен Фирфов, Гоце Наневски, Милош Радуловиќ, Аница Палацо, Тони Довенски, Иво Ивановски, Дане Крстевски, Митко Демировски, Снежана Шупут Гулин, Матјаж Новак, Оливера Герзовска Марковска и Кирил Пецаковски, а признанија за посебен придонес во организирањето на Дистриктната конференција добија Илија Јолевски, Драги Милошевски, Владимир Христовски, Бранка Костиќ-Марковиќ, Спасијка Ефтимоска и Ротари клубот Битола.

Гувернерот во заминување Христовски со предавање на Инсигнијата должноста свечено му ја предаде на Андреј Божич и му посака успешна работа.

Дистриктната конференција имаше и богата културна програма со настап на Битолскиот камерен оркестар и на националните ансамбли на Македонија и на Србија, „Танец“ и „Коло“. Беше промовирана збирката поезија „Антологија“ од македонски и словенечки поети, создадена за време на Ковид пандемијата, а беше организирана и продажна хуманитарна изложба на уникатни слики и графики на академскиот сликар и ротаријанец Диме Темков. Со сите овие активности, Ротари заедницата преку Дистрикната конференција даде уште еден свој придонес за промовирање на македонската култура и традиција. 

Слично

Поврзани вести