
Промовиран првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас – Детска стоматологи
Во присуство на многубројни гости од областа на образованието и стоматологијата, денеска (13 септември), во амфитеатарот на Стоматолошки факултет во Скопје беше промовиран првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас – Детска стоматологија. Книгата, која ја напишаа група автори, е во издание на „Арс Ламина – публикации“.
Кон книгата се осврнаа проф. д-р Ќиро Ивановски (декан на Стоматолошкиот факултет), проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска (уредничката и една од авторите на книгата) и Бранка Бугариска (директорка на издаваштво во „Арс Ламина“), а видеообраќање имаше и проф. д-р Џон Николсон (еден од авторите).
Покрај Ѓоргиевска и Николсон, автори на содржината се реномирани професори и стручни лица од областа на детската стоматологија: Марија Стевановиќ, Мира Јанкуловска, Ана Сотировска-Ивковска, Златко Георгиев, Дејан Марковиќ, Александар Димков, Мери Павлевска, Алберто Бенедети, Драгана Габриќ, Марко Вулетиќ, Бернард Јанковиќ, Ефка Жабокова-Билбилова, Тамара Периќ, Бојан Петровиќ, Весна Амбаркова, Олга Кокочева-Ивановска и Јасна Симоноска.

Проф. д-р Ѓоргиевска истакна дека книгата е сублимат на долгогодишна работа и искуство во работа со децата во стоматолошка ординација, но и пресек на најсвежите сознанија во научната мисла од оваа област.
– Како уредник на оваа книга, која е првиот сеопфатен учебник по детска стоматологија кај нас, би сакала прво да се заблагодарам на моите колеги од Катедрата за детска и превентивна стоматологија, кои безрезервно и без двоумење се согласија да бидат дел од овој проект и кои вложија максимални напори книгата да изгледа во согласност со најновите сознанија во детската стоматологија. Особено сум благодарна на нашите ценети колеги од Велика Британија, Србија и Хрватска, кои несебично ја прифатија поканата да учествуваат во пишувањето на учебникот, а со тоа да дадат сопствен печат и да го збогатат ова прво издание. Голема благодарност до рецензентите проф. д-р Снежана Иљовска, проф. д-р Миле Царчев и проф. д-р Ќиро Ивановски, за вложениот труд во разгледувањето на ракописот и корисните забелешки со цел подобрување на конечниот изглед на книгата. Благодарност и до издавачката куќа „Арс Ламина“, која ја препозна потребата од издавањето на ваков учебник и макотрпно и минуциозно учествуваа во секој чекор од неговата изработка – рече таа.

Оваа книга е наменета, пред сè, за студентите по дентална медицина, но и за специјалистите по детска и превентивна стоматологија и сите што сакаат да ги прошират знаењата во областа на детската стоматологија.
– Конечно, студентите, постдипломците, стручните стоматолошки сестри и техничари, сите идни стоматолози и специјалисти од повеќе области на детската стоматологија од нашата земја на едно место можат да ги најдат сите релевантни податоци и најновите научни сознанија. Овој учебник на стручен, но истовремено и многу разбирлив начин ги надградува знаењата од детската стоматологија. Се надевам дека книгата ќе најде примена и кај сите стоматолози, кои сакаат да ги дополнат и да ги освежат знаењата од областа на детската стоматологија... Беше привилегија да се соработува со Стоматолошкиот факултет и со ценетите професори и експерти и да се уредат нивните научни сознанија во ова сеопфатно издание, богато со податоци. Со оваа книга се збогатува не само понудата на литература по стоматологија кај нас туку и воопшто – домашната научно-образовна издавачка дејност. „Арс Ламина“ продолжува со неуморното инвестирање во домашната книжевна сцена со објавување на стручни и образовни изданија што го поддржуваат и го збогатуваат едукативниот процес. Со овие книги се образуваат и се надградуваат повеќе генерации доктори, специјалисти и научници од повеќе области – се вели во обраќањето на Бранка Бугариска, главна уредничка во „Арс Ламина“.
Содржината на овој учебник е систематизирана во 37 поглавја, кои се приказ на клучните проблематики со кои се занимава детската стоматологија, почнувајќи од растот и развојот на орофацијалната регија и одонтогенезата; приемот, прегледот и контролата на болката кај педијатрискиот пациент во стоматолошката ординација; преку неправилностите во развитокот на забите, денталниот кариес и заболувањата на пулпата и пародонталните ткива кај млечните, младите трајни и трајните заби и нивна терапија. Разработени се современите материјали што се користат во детската стоматологија, со посебен осврт на естетиката во детската возраст и употребата на ласерите во детската стоматологија. Посебно се опишани заболувањата на меките ткива во оралната празнина кај децата, оралните манифестации на инфективни и системски заболувања. Значајно место е посветено на повредите на забите кај деца (фрактурите и повредите на потпорните ткива) и нивните компликации. Даден е осврт на орално-хируршката проблематика кај деца, како и дентогените инфекции, примената на антибиотици, туморите и цистите, но и ургентните состојби. На крајот, даден е преглед на можностите за изработка на протетски надоместоци во млечната и трајната дентиција и опциите за користење на интерцептивната ортодонција.
Книгата е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
*пр објава


Слично
