Економија, финансии, бизнис

Контакт

Промоција на романот за деца „Сам во рој“ од Иван Дричко во „Литература.мк“ во „Сити мол“

Промоција на романот за деца „Сам во рој“ од Иван Дричко во „Литература.мк“ во „Сити мол“

Романот за деца „Сам во рој“ од Иван Дричко ќе биде промовиран в четврток (19 февруари) во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, во рамките на „Денови на литературата“.

Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и влезе во потесниот избор за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2025 година. Промотори на книгата ќе бидат уредничката Оливера Ќорвезироска и писателот Ермис Лафазановски (победник на конкурсот „Оливера Николова“ за 2025 година).

„Сам во рој“ е приказна за едно посебно дете и неговата страст за инсектите како надомест за пријателите што ги нема, приказна за осаменоста и за летањето спроти ветрот на еден Љубомир од Скопје кого сите неслучајно го викаат Буба. Различноста на Буба во ниту еден миг не ги исклучува неговата добрина и хуманоста. Напротив, „Сам во рој“ е благ роман-одговор на повеќе горчливи прашања на нашето време, бубариум на знаењето што никогаш не штети, туку секогаш помага и штити во надминувањето на предизвиците.

Иван Дричко е псевдоним на Сашо Кокаланов, новинар, романописец и драмски автор. „Сам во рој“ е негова втора книга за деца, по сликовницата „Непотизам“, објавена во едицијата „Големи зборови за мали уши“.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.

Целосната програма на „Денови на литературата“ може да ја проследите на следниот линк: 
https://www.literatura.mk/denovinaliteraturata

ПР Објава

Слично

Поврзани вести