Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пристап до нашата геолокација – Решавање на сите злосторства или закана од „големиот брат“?

Пристап до нашата геолокација – Решавање на сите злосторства или закана од „големиот брат“?

Пред да биде лансирана новата мобилна 5Г технологија, меѓу дебатата за „зрачењето“, се говореше и за бројните придобивки кои ќе ги донесе за човештвото, како на пример прикачувањето податоци во реално време, што може особено да биде корисно во криминалните истраги за расветлување убиства, кражби, киднапирања, силувања и итн.

Но, 5Г веќе неколку години е во полн ек, а таквите придобивки за човештвото, освен тоа што технолошките компании знаат сѐ за нас и нашите потрошувачки навики, засега ги нема. Не само што 5Г не се користи за особен напредок на заедницата, туку може да биде и злоупотребено за нарушување на човековите права и дистописко општество каде технологијата е „сеприсутна и семоќна“.

Каква е моќта на 5Г и за што се користи?

Главната улога на 5Г технологијата е брзо мрежно поврзување за пренос на големи количини на податоци. Од аспект на корисник особено значајно е што може многу брзо да се симнуваат онлајн датотеки. На пример еден клип од неколку гигабајти може да се „даунлодира“ или преземе за околу една минута.

Меѓутоа од аспект на компаниите многу поважно е што преку 5Г мрежата корисниците постојано „аплоадираат“ или прикачуваат податоци. Тоа може да биде стриминг на видео преку социјалните мрежи, но и постојано „хранење“ на алгоритмите и базите на податоци со детали за тоа што правиме со смарт уредите, како ги користиме, каде ги користиме, на која конекција, со кои други уреди сме ги поврзале или сме биле во контакт.

Таквите мета-податоци ја вклучуваат и геолокацијата, особено преку апликации за мапи и ГПС навигација. Корисниците може да ја исклучат опцијата за автоматско собирање на податоци на геолокација што создава историја на местата кои сте ги посетиле во одреден временски рок.

Нем сведок на злосторства или алатка за злоуптреби?

Во последните години се проценува дека за 500 отсто се зголемил бројот на судски налози за т.н. дигитално заградување (Geofence) кога полицијата или обвинителството бара за одредено место на злосторството податоци за сите уреди кои биле таму во моментот на извршување.

Замислете едно сценарио во суд за убиство. Обвинетиот тврди дека има алиби и во времето на настанување на смртта на жртвата бил на сосема друго место. Со помош на податоците од неговата историја на геолоцирање може точно да се утврди каде и како се движел и да се докаже дали бил во близина на жртвата за време на убиството или не.

Сепак, развојот на криминологијата не се разви токму во тој правец, а уште повеќе групите за заштита на приватноста се противат да се користат податоците за геолоцирање во официјални истраги бидејќи може да предизвикаат масовно следење.

Наместо да се бараат докази преку геолокации за еден осомничен, истражните органи одат на „џандар збира“ техника, па од мноштвото податоци да дојдат до поединечниот сторител или сторители.

Проблемот е што под превезот на „истрагата“ може да се собираат масовни податоци, на пример за луѓе кои се организираат за протест, во политичка опозициска акција или израз на општествено незадоволство преку медиумите и јавните гласила.

Опасност од масовно бележење во полициските досиеја

Постои впечаток дека прислушкувањето и следењето на граѓаните никогаш не било толку софистицирано и распространето како што е сега благодарение на пристапот кој го овозможуваат смарт уредите.

Дури и да се анализираат само сирови мета-податоци за одредени уреди, може да се изведат многу заклучоци преку нивно вкрстување и историски трендови. И зошто самиот факт што некогаш сте биле во близина на некое кривично дело да биде доволна причина вашите податоци да станат дел од полициската база.

Во судовите и институциите допрва треба да се постават правни преседани дали и како ќе се користат геолокациските податоци во доказната постапка и дали тоа ќе предизвика дополнителни нарушувања на приватноста и опсегот на алатки кои ги користи „големиот брат“.

Затоа со секоја нова технологија, како со 5Г и геолоцирањето, треба да се размислува критички, да се погледе преку слатките комерцијални ветувања за „чудата што ќе ги донесе“ и да се утврдат можните ризици и слабости, особено во време на загрозена приватност и упад во личните слободи. 

Х.С.