Повеќе од половина овошки и лозја во кавадаречко се уништени
Во кавадаречкиот крај овошките и лозјата се од 30 до 90 проценти оштетени поради пролетните ниски температури, покажуваат теренските проценки на општинската комисија.
Се работи за површина од над 50 хектари. Најпогодени се површините од над 16 хектари во селото Сопот, а најмалку штети се предизвикани во Бегниште. Штети има и во селата Раец, Шивец, Бојанчиште, Глишиќ, Фариш, Марена, Дреново. На повикот за пријавување штети што го објави општина Кавадарци се пријавиле 88 земјоделци.
„Се работи за над 26 хектари овошни насади и преку 24 хектари лозов насад. Штетите се најголеми кај овошките. Има оштетувања и кај праските и сливите, но најмногу кај кајсиите. Пролетните ниски температури оставиле негативни ефекти врз овошните и лозовите насади кои се наоѓаат главно покрај реките“ - изјави Васко Керов, претседател на Комисијата за проценка на штети.
Извештајот за проценките на штетите ќе биде доставен до Советот на општина Кавадарци, а по усвојувањето, ќе се изработи елаборат кој ќе се достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Штети оваа пролет поради мразот имаше и во пијанечко и други делови на Македонија.
