Последните „џиновски“ праски од Росоман нема да стигнат до Русија ?
Овоштари од Росоманско попладнево изразија вознемиреност по најавата на рускиот санитарен регулатор за безбедност на храна дека од 15 август ќе воведе забрана за привремен увоз на праски од Македонија поради загриженост за безбедноста.
Речиси целокупната берба на препознатливите огромни праски од Росоман одат за извоз во Русија.
– Во моментов околу 500 тони праски чекаат во ладилникот, имаме најава за 20 камиони за утовар за Русија, но сега работата е стопирана. Ова се и последните количини на праска зашто бербата е при крај, рече Владо Орданов од Росоман, еден од поголемите откупувачи на праски и сопственик на ладилник.
Градоначалникот на Росоман Бранко Јанев нагласи дека во моментов бербата на последните сорти праски е при крај.
– За оваа година бербата на праските е при крај и сметам дека нема да се одрази негативно, но долгорочно ако се гледа не е добар потег, додаде Јанев.
Општина Росоман е најголем производител на праски во Македонија.
