Интернет напад ја успори мрежата во цел свет
Експертите за кибер безбедност денеска предупредија дека во најголемиот кибер напад досега дошло до забавување на Интернет мрежата низ целиот свет. Забавувањето е последица на несогласувањата меѓу групацијата „Спамхаус“ која се бори против електронските „спам“ пораки и холандската хостинг агенција „Сајбербункер“, наведуваат експертите за кибер безбедност.
Пет национални кибер полициски сили водат истраги поврзани со нападите.
„Спамхаус“ неодамна ги блокира серверите кои ги одржува „Сајбербункер“, кои објавија дека ќе овозможат веб простор за било што, освен за содржини кои се однесуваат на детска порнографија и тероризам.
Свен Олаф Камфус, кој се претставува како потпарол на „Сајбербункер“, нагласи дека „Спамхаус“ ја злоупотребува својата позиција и дека не треба да има дозвола да одлучува што треба да биде, а што не објавено на Интернет.
„Спамхаус“ објави дека „Сајбербункер“ заедно со криминални банди од Источна Европа и Русија стои зад нападите.
