Половина од граѓаните не знаат дека општините им нудат услуги онлајн
Истражување на УНДП покажа дека граѓаните во земјава не користат е-услуги во своите општини. Според истражувањето, цели 86% од граѓаните никогаш не користеле е-услуга на општината, наведувајќи различни причини. При тоа, најголем дел (48%) не знаеле дека услуги кои се добиваат на шалтер можат да се добијат и онлајн.
Во прашалникот, како причини за слабата искористеност на е-услугите дел од испитаниците навеле и дека поедноставно им е да појдат во општинските канцеларии (15%), како и технички предизвици при користењето (12%).
Според представниците од УНДП, дигиталната трансформација на општините не само што нуди подобри услуги за граѓаните, туку и помага во намалување на трошоците и ризиците за корупција.
Програмата на УНДП преку имплементација на неколку проекти ја поддржува дигитализацијата на општините во земјава.
„Ова е особено навремено и релевантно, имајќи предвид дека дигитализацијата нуди подобри услуги за граѓаните преку подобрување на времето на испорака, зголемување на транспарентноста и намалување на административни пречки“, вели постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан.
Еден од примерите за успешна дигитализација е ЛОГЕС платформата, прв софтвер во државата за услуги на локално ниво, која веќе функционира во 25 општини.
„Платформата е поставена во облак и ви нуди услуги во секое време, секаде во светот каде што имате интернет конекција, ви обезбеднува безбедно онлајн плаќање и добивање на услугата од општината веднаш, по електронски пат, без да поминете ни минута во општинската зграда“, изјави Емили Јовановиќ Локвенец, специјалист за информациски системи во УНДП.

Од граѓаните кои користеле е-услуги во општините, 69% дале позитивни оценки за брзината и леснотијата на користење. Најчесто користените е-услуги биле во областа на комуналните работи (33%), урбанизам (30%), и правни и општи работи (19%).
Повеќе од половина од испитаниците (47%) изјавиле дека нивната општина има Фејсбук страница, но само 20% од нив дека редовно се ажурира.

На прашањето во која област услугите на општината треба да се дигитализираат, 7% одговориле дека дигитализацијата треба да ги опфати сите области, додека 6% се изјасниле за катастарските и имотно-правните услуги, а по 5% за плаќањето даноци и издавањето лични документи.
ПР објава