Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОГУБЕН ДОЖД: Најлоша сезона за грозјето во последниов половина век!

ПОГУБЕН ДОЖД: Најлоша сезона за грозјето во последниов половина век!
Бербата на трпезното и винското грозје е стопирана поради дождовите што деновиве ја зафатија земјава. И покрај тоа што денеска требаше со одржување на традиционалниот Тиквешки гроздобер и официјално да се означи бербата на годинешната реколта, дождовите ги попречија плановите. Тиквешкиот гроздобер ќе се одржи следната недела. Лозарите и експертите во оваа област велат дека ова е досега најлоша лозарска година. Лозовите насади се поплавени од вода и грозјето не може да се бере. Штетите од поројните дождови допрва ќе се проценуваат. Според првичните проценки проценки се очекува родот кај виснкото и трпезното грозје да биде намален за 50 отсто. - Сега не береме има многу вода во лозјето не можеме да влеземе. Тоа што собравме претходно тоа беше. На почетокот се береше бургундецот, темјаниката и шардонето. Во нормални години сега требаше да го береме и вранецот, но не можеме да влеземе во лозјата. Се плашам дека голем дел од вранцот ќе скапе, бидејќи тоа е нежна сорта и ваквите обилни дождови во период кога ова грозје зрее лошо влијаат. Родот е преполовен, сеуште не знаеме за квалитетот, може таму нема да има потфрлување, вели за Фактор, Љупчо Аризанов, претседател на Регионалниот сојуз на лозари. Професорите од катедрата за лозарство и винарство при Факултетот за земјоделски науки и храна, велат оваа лозарска година е една од најтешките досега. -Во мојата кариера оваа лозарска година е една од најтешките во смисла и на производството и на квалитетот. Поради лошите временски услови намален е родот а очекуваме и намален квалитетот. Но со ваква ситуација со лозарството се соочува цела Европа, во сите земји кои се препознатливи по грозјето и виното, постои намалување на родот. Секако дека ваквата состојба ќе придонесе за намалување на производството на вино, но сепак квотите за извоз ќе ги исполниме бидејќи нашите винарски визби имаат доволно залихи, вели за Фактор проф. д-р Звонимир Божиновиќ од Катедрата за Лозарство и винарство при Факултетот за земјоделски науки и храна.   Обилните дождови кои изминативе месеци наврнаа, придонесоа за појава на болеста пламеница кај лозјето. Најпогодени се лозовите насади со црните сорти грозје, особено вранецот и трпезните грозја. Оштетувања има и кај смедеревката и другите сорти. Лозарите велат дека состојба е катастрофална, и ако во следниов период не се подобри времето можно е грозјето да не содржи доволно шеќерни единици. Откупната цена далеку пониска од производната цена Поради појавата на болеста пламеница годинава лозарите мораа да го прскаат грозјето повеќе пати, што за нив значи и поголеми трошоци. Поради оваа причина уште кога ги договараа цените со винарските визби, лозарите побраат откупната цена на грозјето годинава да биде повисока од ланската. Но не успеаја да издејствуваат повисоки откупни цени. Откупните цени годинава се исти какои ланските, односно 11 денари килограм за смедеревка со најмалку 17 шеќерни единици и 13 денари за килограм вранец со 19 шеќерни едници на откупен пункт. За другите сорти винско грозје откупните цени ќе се одредат според квалитетот. - Не сме задоволни од откупните цени, ама тоа е не успејавме да издејствуваме повисоки. Годинава имавме поголеми трошоци за заштита, три пати повеќе го прскавме грозјетоРеално производната цена за вранецот е од 17 до 18 денари за килограм, а во вакви лоши години и 20 денари за килограм. Инаку откупот е почнат како ќе се одвива исплатата и дали ќе се почитуваат договорите ќе видиме. Мене уште ланското грозје не ми е исплатено. Уште им должат на лозарите винарската визба Повардарие, Визба Валандови, визба Аневски, вели Аризанов. Но освен лозарите годинава со проблеми се соочуваат и винасрките визби, поради намалувањето на цената на виното на светскиот пазар заради големата конкуренција од шпанските вина. Ова е и причината поради која винарските визби не се во можност да дадат повисоки откупни цени за винското грозје. Староста на лозовите насади и натаму проблем за развој Лозарството е една од извозно ориентираните гранки. Лани од извозот на вино лани во Буџетот се слеале 50 милиони евра, што е за 24% повеќе од претходните години. Според агроекспертите зголемувањето на извозот е поради подобрувањето на квалитетот на произведеното вино, што се должи на воведување на новите техники и технологии од винарските визби, и препознавањето на Македонија во светот како винска земја. Експертите од оваа област велат дека и натаму клучен проблем за дополнителен развој на оваа гранка е староста на лозовите насади и сортиментот. - Сеуште имаме лоша старосна структура на лозовите насади. Најстарите насади се и по 25 години, што неповолно влијае и врз квалитетот и врз производството. Долг е процесот за обновување, а за нас усште подолг бидејќи многу заостануваме. Во однос на сортиментот од она што го гледам на терен почна да се менува, динамичен е , има подобрување и се прават напори во таа насока, но тешко оди подигнувањето на нови лозови насади. Мислам дека сегашните субвенции што се одвојуваат за поддршка на лозарството се недоволни, треба да бидат поинтензивни, повисоки и да се насочат правилно. Со овој начин сега како што е, тешко ќе опстојува оваа гранка, вели проф.д-р Божиновиќ. Минатата година родот изнесуваше околу 200 милиони килограми грозје, а годинава според проценките ќе изнесува околу 100 милиони килограми. Во Македонија лозовите насади во земјава се застапени на околу 21.000 хектари. Ј.С
Слично

Поврзани вести