Пелагонија создадена за авантура
Кога се работи за Пелагонија, помислата на луѓето и стварноста често се разидуваат. Суштината на Пелагонија се многу бои, мириси, вкусови и најважно од се, многу приказни. Приказни кои содржат традиција, чиста природа, култура, забава. Една од нив се вика Hike & Ride а за Вас ја спакува и раскажа Туринг Македонија (www.touringmacedonia.mk).

Hike & Ride е дводневна авантура која љубопитните авантуристи ќе ги поведе на јавање маловишки коњи, посета на чудотворниот манастирски комплекс Св. Ана и планинарење со професионален водич низ Националниот Парк Пелистер. Селото Маловишта, вгнездено на 1.100 н.в. е ехо на минатите времиња. Уникатно по својата градска архитектура, големата катедрална црква, сокаците поплочени со природен камен, ова село својата изолираност ја претвора во предност и на посетителите им нуди никогаш видено доживување.

Манастирот Св. Ана над село Маловишта се посетува јавајќи низ илјадагодишна шума на некој од славните маловишки коњи. Поради своето чудотворство, Св. Ана претставува култно место не само за локалниот народ, туку и пошироко. Овде, во дворот на новоизградениот конак, уживањето во македонски традиционален оброк е во друштво на мирот и тишината на недопрената природа. Десертот е резервиран за пчеларникот БН во село Дихово, каде се дегустираат домашен мед и медни производи.

Сега секој може да го открие скриеното богатство на Пелагонија и да ужива.
