Патуваат кон работа и праќаат мејлови - дали тоа ќе влезе во работното време?
Истражувачи од Универзитетот на западна Англија велат дека патниците во градскиот превоз толку често на пат кон работа испраќаат мејлови, што тоа време би требало да се смета како работни часови.
Пристапот до безжичен интернет во возилата на градскиот превоз и честата употреба на мобилни телефони го продолжуваат работниот ден, покажала недамнешна студија.
Истражувањето, во кое биле вклучени 5.000 патници на градските линии во Лондон откако безжичниот интернет стана подостапен, покажало дека 54 отсто од патниците користеле мрежа од градскиот превоз за да пратат мејлови на работа. Останатите за испраќање мејлови поврзани со работата користеле интернет од сопствените телефони.
Резултатите од студијата говорат и дека подобра интернет конекција влијаела врз тоа да се продолжат работните часови и повеќе луѓе да користат лаптопи и телефони како би работеле додека се во градскиот превоз.
Истражувањето го покренува прашањето за рамнотежа меѓу работата и приватниот живот и дали е здраво да се продолжува работниот ден.
