Паѓаат цените на храната во целиот свет, но ќе имаме и помалку жито!
Глобалните цени на храната во мај се намалија втор месец по ред, најмногу благодарение на поевтинувањето на млечните производи, житариците и растителните масла, и покрај поскапувањето на шеќерот и месото.
Ценовниот индекс, што го пресметува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и кој ја мери цената на потрошувачката кошничка од прехранбени производи (житарици, масло, млеко, месо и шеќер) во мај бил рпоценет на 207,9 поени.
Тоа е за 2,5 поени односно за 1,2% помалку во споредба со април, кога цените на млечните производи драстично се намалија заради намалената продажба во Кина и Русија.
Индексот на цените на производите од жито се намалил за 2,4 поени во однос на претходниот месец на 204,4 поени. ФАО ја зголеми прогнозата за производство на жито за годинава на речиси 2,48 милијарди тони, односно речиси 1% повеќе во однос на проценката од минатиот месец. Сепак, очекуваното производство е за 1,4% пониско во однос на минатата година, која беше рекордна во овој сегмент.
Организацијата очекува во 2014 година да бидат произведени речиси 703 милиони тони пченица, што е за 12,6 милиони помалку од рекордот остварен во 2013 година.
