Откупот на тутунот мора да започне до 15-ти декември
Фирмите кои се регистрирани за откуп на тутун од годинешната реколта мора да го започнат откупот најдоцна до 15-ти декември, потестува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Станува збор за десет фирми кои добија дозвола за откуп годинава. Според ресорното Министерство, преземени се сите мерки за успешен старт на откупот.
„Состојбата се следи уште пред почетокот на производството. На средбите со тутунарите, откупувачите дадоа уверување дека целиот договорен тутун од 25.000 тони ќе биде откупен, а ќе се направат напори да се преземе и вишокот од околу 4.000 до 5.000 тони, кој настана поради врнежливите временски услови и повисоките приноси“, информираат од Министерството.
Заради обилните врнежи приносите на тутун годинава се поголеми од договорени, но се очекува нешто послаб квалитет од ланската реколта. Како резултат на барањата на Светската здравствена организација, која инсистира на намалување на количеството на ориентален тутун во цигарите, но и заради зголемено производство на тутун во регионот, производителите и откупувачите годинава мораа да договорат пониски квоти за откуп.
Слично
