Осигурувањето на земјоделското производство, фактор во управувањето на ризикот
Земјоделството е подложено на ризици, поради сложеноста на производството и неговото економско значење. Освен во процесот на производството исто така и резултатите од управувањето на земјоделското производство се несигурни. Несигурноста е последица на збиднувањата кои негативно се одразуваат врз финансиските резултати. Некои автори прават разлика помеѓу ризикот пресметан врз база на статистички податоци и објективната веројатност. Повеќе автори наоѓаат покорисно разграничување помеѓу несигурноста како резултат од несовршени знаења и рискот, како резултат од излагање на несигурни неблагопријатни економски последици. Во праксата двата поими се многу тесно поврзани и меѓусебно заменливи.
Кај ризикот има акцентирање врз „веројатностите„ како резултат од влијанието на животната средина, а несигурноста е поврзана со „возможните„ негативни влијанија врз благосостојбата. Нема ризик без извесна несигурност и во повеќе случаеви несигурноста претпоставува извесен ризик. Голем дел од литературата за управување на ризикот е поврзана со социјална заштита наспроти сиромаштијата особено во земјите во развој (Dercom 2005 година Светска банка 2004 година) Во тој контекст поимот оштетеност (штетата) често се користи за определувањето на веројатноста даден ризик да доведе знатно намалување на благосостојбата т.е. одржливоста или недостиг на одржливост наспроти определени штети. Во таа врска, штетата зависи не само од карактеристиките на ризикот но и од расположивите активи во домаќинството за обезбедување на неговиот доход и располагањето со механизми за осигурувањата. Се повеќе истражувања се занимаваат со прашањето на ризикот од аспект на неговото управување. Тие се фокусираат главно врз ризиците со значителни последици за општеството или економиката, кои далеку ги надминуваат последиците за одредени економски субјекти. Тие „системски„ ризици можат да имаат значење и за земјоделството. Во литературата управувањето на рискот е дел од поширока рамка која вклучува најмалку три етапи: оцена на рискот, управување на рискот и информации за можните ризици. Првата етапа обично се однесува на систематска обработка на расположиви информации за идентификација на зачестеноста и нивото на конкретни собитија. Пресметувањето на ризикот се состои во конкретизирање на општествена „толерантност„ за некои ризици. Втората етапа е поврзана со управувањето на ризикот како систем од мерки од страна на приватни лица и организации кои придонесуваат за намалување, контрола и регулирање на ризиците. Третата етапа е поврзана со обемот и споделување на информациите за ризикот помеѓу оние што решаваат и другите заинтересирани страни. Постојат малку истражувања за однесувањето на земјоделските производители во однос на избраните стратегии за надминување на ризикот.
Системот за управување на ризикот се стреми да влијае врз различните извори на ризик, кои имаат влијание врз земјоделството преку разработување на различните стратегии и инструменти за управување на ризикот. Стратегиите за управување со ризикот можат да бидат групирани во три категории:
- Стратегии за превенција – за намалување на веројатноста, неблагопријатни услови да се случат
- Стратегии за ублажување на потенцијалното влијание на неблагопријатно собитие
- Стратегии за справување и за олеснување на влијанието на ризичните случувања
Слично
