ООУ Лазо Ангеловски домаќин на краткорочна размена на ученици во рамките на Еразмус + проектот „Млади новинари денес-одговорни дигитални граѓани утре“
ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, оваа недела од 11-15.04.2022 година е домаќин на краткорочна размена на ученици во рамките на Еразмус + проектот „Млади новинари денес-одговорни дигитални граѓани утре“ во кој учестуваат 3 останати партнер училишта од Хрватска, Србија и Романија.
Манифестацијата беше отворена на 11-ти април со пригодна приредба изведена од нашите ученици на која беше прикажана куса драматизација поврзана со обичаите за Велигден и народни ора. Во текот на денот следеа активности за тим-билдинг и меѓусебно запознавање на учениците, посета и прием во општина Аеродром и проследување на првиот дел од презентациите за Македонија, а во пладнивните и вечерните часови во опуштена атмосфера имаше заеднички ручек и вечера со сите гости.
На гостите добредојде им посака директорката на училиштето „Лазо Ангеловски“ м-р Магдалена Петреска, осврнувајќи се на проектот и неговата важност за идните генерации истакнувајќи дека живееме во време на отворено и брзо пласирање на информации во кое нашите деца треба да знаат како да ја проверуваат веродостојноста на истите, да ги препознаваат дезинформациите и како во иднина одговорно самите тие да пласираат информации. Само така може да имаме добро информирани идни граѓани и веродостојни информации. Потоа таа истакна дека проектот придонесува и кон создавање на нови пријателства меѓу децата и возрасните од земјите во регионот.

Стјепан Лучки, директор на ОУ Св. Петар, Ореховац, Хрватска, координатор на проектот ја изрази својата благодарност и истакна: „Воодушевени сме од приредбата, од драмската изведба и од прикажаното народното оро и носии кои имавме можност да ги видиме. Можевме да видиме дека со голема волја и жар е подготвена приредбата, па големи пофалби до учениците и наставниците кои ги подготвуваа. “
Стојанка Лесички, координатор на Еразмус+ проектот „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“ изјави дека во рамките на проектот сите училишта успешно формирале свој дигитален училишен весник и притоа разменувале новинарски натписи. На блогот на проектот реализирани се преку 500 објави со текстови испратени од училиштата. Креирани и одржани се бројни работилници и тркалезна маса на тема „Медиумска писменост“. За потребата од поддршка на вакви и слични проекти, го истакна следново: „Сметаме дека дигитални весници за деца се прекупотребни. Недостасува буџет за такво нешто, а потребата од нив секако постои со оглед на тоа дека нашите деца наоѓаат информации само на социјалните мрежи и често се дезинформирани, затоа што има многу лажни вести, многу објави кои деца всушност не би требало да ги читаат. Кај нас постојат дигитални весници за студенти, средношколци, но не и за децата од основните училишта кои всушност се најмалку медиумски писмени и ние и понатаму ќе се залагаме, дури и по завршувањето на овој проект да се направат обиди да се реализира оваа идеја и се надевам дека овој наш проект ќе поттикне некаква активност во оваа сфера, сферата на медиумска писменост.“

Ciofalca Mihaela Cristina, претставник на партнер училиштето од Романија - „Ние ја започнавме нашата соработка со координаторот Стојанка Лeсички и координаторот од вашето училиште Љубица Ружинска на платформата eTwinning, а заедничката цел ни беше да ги подобриме дигиталните вештини и медиумската писменост на нашите ученици. Нашите ученици и наставници работат на зголемувањето на свесноста за сајбер-насилството како да го препознаат истото, како да препознаат лажни вести, како да проверат веродостојност на вести и особено во време на пандемијата се појави потреба да пишуваме токму на овие теми. Благодариме на нашите партнери од Македонија кои одлично ја подготвија оваа размена.“

Учениците-учесници на ученичката размена, кои воедно се членови на медиумската група во училиштето која е дел од овој проект, напишаа натписи во училишниот дигитален весник, Л.А ИН-форматор, за активностите и впечатоците од секој ден на рамената. Истите се достапни на следниот линк https://lainformator.wordpress.com/home/
