Одбележани 83 години од првиот кошаркарски натпревар
Корените на македонскиот баскет се од Штип.
Имавме презентација на идејното решение за споменик со кој ќе се симболизира овој меч, но и ќе остане како паметник на првиот тренер и судија Трајко Кошевалиски и сите останати учесници. Споменикот е замислено да биде поставен во ОУ „Ванчо Прке“, каде пред 83 години се одиграла првата средба, изјави претседалетот на иницијативниот одбор Тодор Рибарски.
Подготвил: Срѓан Ивановиќ
Во саботата се навршија точно 83 години од одигрувањето на првиот кошаркарски натпревар во Македонија, кога спортски ентузијасти од Штип ги поставиле првите кошеви и на бројната публика и ја претставиле до тогаш непознатата спортска игра.
Во 30-те години од минатиот век кошарката не само во Македонија, туку општо и на Балканот, била многу малку присутна. Фудбалот како и денес бил најпопуларниот спорт, а постоеле и голем број на спортски друштва, каде младите таленти најчесто тренирале атлетски или гимнастички дисциплини. И тогаш во Штип наеднаш се појавил Трајко Кошевалиски, кој од Словенија го носел знаењето за оваа игра, но и првата кошаркарска топка.
Кошевалиски бил испратен на стручно усовршување во Марибор, каде во 1932 година присуствувал на првата презентација на кошаркарскиот спорт, презентиран од австриски кошаркари. За време на неговото прво отсуство од Словенија тој започнал да ги тренира локалните Соколи, како што се нарекувале спортските друштва во тоа време насекаде низ Македонија, за конечно на 27 август 1933 година да биде организиран првиот меч.
Во дворот на училиштето „Ванчо Прке“ било направено импровизирано игралиште, поставени биле кошевите, а мрежичките за обрачите биле исплетени од Петре Топликлиев.
Биле формирани две екипи, црвена и црна, а Кошевалиски бил судија на овој меч. Меѓу натпреварувачите биле неговите другари Славе Кикиритков, Лазо Каламатиев, Петре Кавраков, Киро Савев, Методи Балванлиев, Киро Шапков, Илија Гочев, Никола Гакев, Петар Самарџиски и Горги Спасиков.
Иницијативниот одбор за развој на спортот во Штип секоја година го одбележува овој настан, а годинава беше презентирано и идејното решение за споменик, со кој ќе се одбележи првиот кошаркарски натпревар во Македонија.
- Денеска ја одбележавме годишнината од првиот кошаркарски натпревар одигран на територијата на Македонија и имавме презентација на идејното решение за споменик со кој ќе се симболизира овој меч, но и ќе остане како паметник за првиот тренер и судија Трајко Кошевалиски и сите останати учесници. Споменикот е замислено да биде поставен во ОУ „Ванчо Прке“, каде пред 83 години се одиграла првата средба – изјави претседалетот на иницијативниот одбор Тодор Рибарски, поранешен кошаркарски тренер и судија.
Штип навистина има долга кошаркарска традиција, но за жал тоа во моментов не значи многу.
- Штип има најдолга кошаркарска традиција во Македонија. Постои и податок дека по Втората светска војна, првата селекција на македонски кошаркари, која настапила на меѓурепублички натпревар во Суботица е составен од играчи родени во Штип. Сепак традицијата денеска не значи ништо, бидејќи ние повеќе немаме никаков кошаркарски клуб во градот – констатира Рибарски. Да се надеваме дека во блиска иднина во овој град ќе се појави некоја нова група на ентузијасти, која ќе направи нешто ново за кошарката што секако дека би значело многу не само за градот, туку и за целата земја.
Тодор Рибарски – Претседател на иницијативниот одбор за развој на спортот во Штип
„Баскетболот се играше поинаку“
Трајко Кошевалиски, човекот што во Македонија ја донел првата кошаркарска топка и го организирал првиот меч, во едно од своите интервјуа дадени пред повеќе од 25 години, има посочено дека тогашниот „баскетбол“ се играл поинаку.
- Првиот натпревар го судев јас, тогаш се играше по други правила. Во игра имаше по шест играчи во секој тим – појаснува Кошевалиски.
Тој со кошарката се запознал во Словенија, каде што живеел едно време откако претходно бил испратен на професионално усовршување.
„Рекордна посета на првиот кошаркарски меч“
За првиот кошаркарски натпревар одигран во Штип на 27 август 1933 година е напишан извештај во тогашниот весник „Вардар“, каде за настанот е објавено десет дена подоцна. Во преписот од оргиналот, кој се чува во македонскиот архив стои: „Во недела, 27. август во Штип е одигран братски натпревар баскетбол, помеѓу црвените и црните. За овој натпревар владеел голем интерес. Резултатот е 10:12 во корист на црвените. Одлично судеше Трајко Кошевалијевиќ. Посетата беше во рекорден број.“
Идејно решение за споменикот во чест на првиот кошаркарски натпревар
Неправда стара 83 години
Во монографијата „50 години кошарка во Македонија“ не е регистриран натпреварот во Штип, иако за неговото одржување постојан материјални докази.
„Кога се пишуваше монографијата јас ги информирав од кошаркарската федерација за овој меч и им понудив факти, но од таму едноставно ми одговорија дека такви податоци тие немаат и повеќе не се заинтересираа за настанот“, вели Тодор Рибарски.
Иако се поминати 83 години од историскиот меч, Штипјани сметаат дека се уште не е доцна да се исправи неправдата и овој драгоцен датум да се вметне во македонската кошаркарска историја.
Инаку од спортската редакција на „Слободен печат“ беше испратен допис до КФМ, со кој во разумен рок беше побаран став од преставниците на федерацијата околу ова прашање. Сепак, до затворањето на понеделничкиот број не добивме одговор.
Повеќе пати досега е пишувано во македонските медиуми за придонесот на Трајко Кошевалиски за развојот на кошарката




