Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од „НЕМА ШАНСИ“ до остварување на своите соништа - 20 години АУЕ – ФОН ГО СЛАВИМЕ УСПЕХОТ: MOTIVATION, SUCCESS, HARD WORK, DEDICATION - ЕКСКЛУЗИВНО СО БЕНДОТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ 4 ЈУЛИ ВО 20:00 ЧАСОТ

Од „НЕМА ШАНСИ“ до остварување на своите соништа - 20 години АУЕ – ФОН ГО СЛАВИМЕ УСПЕХОТ: MOTIVATION, SUCCESS, HARD WORK, DEDICATION -  ЕКСКЛУЗИВНО СО БЕНДОТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ 4 ЈУЛИ ВО 20:00 ЧАСОТ

Американскиот универзитет на Европа – ФОН во рамките на своето 20 годишно постоење  организира 17-та по ред свечена церемонија за доделување на дипломи којашто ќе се одржи утре, на 04.07.2023 година. На овој настан се заокружува еден значаен дел од поглавјето на студентите од АУЕ - ФОН, при што Универзитетот слави успех со повеќе од 12.000 дипломирани студенти во изминативе 2 децении. Успехот е на Универзитетот, на кадарот, но пред сè на студентите и на нивните најблиски кои биле истрајни да завршат уште една приказна од својот живот.

Се разбира, во животот ништо нè е се лесно и едноставно. Па така, посветеноста, напорната работа, трудот и мотивацијата на секој дипломиран студент се клучните фактори за да ја остварат својата цел. Или како што би рекле и членовите од бендот на нашиот еден и единствен Тоше Проески, приказната за успехот на Тоше нека биде поттик за секој млад човек во државава дека изразот „нема шанси“ не постои и не треба да претставува препрека за остварување на соништата.

Токму затоа, а со цел да ги мотивираме младите луѓе, да ги охрабриме дека ништо не е недостижно, Американскиот универзитет на Европа – ФОН, по свеченото доделување на дипломите на 4 јули, со почеток од 20:00 часот организира концерт со бендот на Тоше, кој што е бесплатен и од отворен карактер.

Во пресрет на концертот разговаравме со членовите на бендот на Тоше (Роки, Таци, Сале, Предраг, Бумбар и Иренa) кои што несебично, искрено и отворено говореа за соработката, работата и за тоа како еден млад човек (во моментот кога за прв пат им се сретнуваат патишата) успева да изгради интернационална кариера која од оваа дистанца, прашање е дали некој млад уметник од нашиве простори ќе може да ја достигне.

Што е тоа што еден талентиран млад човек треба да го направи, за да може да постигне успех по примерот на Тоше. Што би советувале?

Роки: Во животот ништо не е едноставно и секоја работа треба да се фати сериозно од самиот почеток. Неопходно е да си посветен и да не ти претставува тешко тоа што го работиш. Ако се работи темелно и со искуството кое се стекнува со тек на време, како што човек подлабоко навлегува во она што го работи, така коцките сами ќе се наместат. Не може да се направат 20 чекори одеднаш, туку треба да се оди чекор по чекор. Факт е дека Тоше имаше талент, но пресудно за успехот беше тоа тој пееше, гинеше на бина и беше фанатик во она што го работеше. Едноставно, во него беа вклопени сите особини кои што требаше да ги има една ѕвезда каков што беше Тоше.

Таци: Може нешто да сакаш да го правиш, но кога си фокусиран 24 часа, кога нешто страствено сакаш, тогаш универзумот прави да успееш во работата. Не е важно само да сакаш да вежбаш гитара или да пееш. Постои цела магија, една поврзаност помеѓу човечкиот карактер и работата. Кога она што го работиш е задоволство, тогаш тоа не е работа. Искрено, мене ми пречи што луѓето за Тоше ставаат артефакти „тој беше Божјо дете, тој беше многу талентиран“. Не. Тој беше исто како сите нас, но пред сè беше посветен и го сакаше тоа што го работеше. Да не заборавиме дека љубовта кон музиката кај Тоше била во зародиш уште од негови 5 години.

За време на соработката со Тоше, како течеа подготвките за настани/концерти со него?

Роки: Многу лесно. Немавме потреба од многу проби со него. Ќе ни се проследеше материјалот, ние ќе го спремивме и Тоше ќе го отпееше од прва. Немавме никакви проблеми, беше навистина задоволство да се работи со него.

Тоше беше незаменлив како музичар и пред сè како човек. Бевте ли свесни за неговата големина и за талентот додека работевте со него?

Таци: Во наша земја постојано го слушаме изразот „нема шанси“. Ако ја земете приказната со Тоше Проески, таа е полна со „нема шанси“. Потекнува од скромно семејство, не е од Скопје, доаѓа од Крушево и шансите за успех и пробив се многу потешки. Но, ние од Тоше навистина  научивме дека изразот „нема шанси“ не постои.

Тој едноставно беше талентиран. Ние го знаеме уште кога беше многу млад. За прв пат настапивме со него на „Златна Буба Мара“ кога имаше само 17 години. Ние за „Златна Буба Мара“ ја подготвувавме песната „Усни на усни“, а тој сосем неочекувано излезе и сам на клавир ја отсвире и отпеа песна „Твоите бакнежи“. Не замрзна сите. Тогаш го забележавме и рековме дека ова дете далеку ќе стигне.

Нема да го заборавиме и првиот настап во Сава Центар во Белград во 2001 година. После настапот, ние од бендот се враќавме кон гардеробите, а најубавите жени (манекенки) од Белград го чекаа и стоеја зачудени и воодушевени од неговиот настап. За нас, тој момент беше навистина спектакл, затоа што до тогаш тој беше само еден тинејџер - херој. Но, подоцна видовме дека станува сериозен и зрел уметник.  А дека имаше сериозен пристап во неговата работа се докажа кога за време на еден концерт во Кавадарци снема струја, но тој не ги остави неговите фанови да чекаат, туку продолжи да пее пред публиката и без озвучување.

Предраг: Тоше имаше интензитет во неговиот глас, затоа на факултетот сакаа да му ја сменат кариерата за да биде оперски пејач, а не да се занимава со поп музика. Значи имаше интензитет на гласот, покрај тоа што беше убав и талентиран.

Како Вие го доживувате како уметник, како се однесуваше кон Вас како тим?

Таци: Тоше беше доброчудно, добронамерно и добро воспитано момче. За нас беше детуле, затоа што сите ние бевме постари од него. Не го доживуваме посебно, односно работите не ги доживувавме спектакуларно. За зал, не му придававме толкаво значење сè до моментот кога за жал го снема. После видовме колкав вакуум предизвика, колку им значеше на неговите фанови и колку ни ни значел на сите нас.

Беше ли свесен за големината која што ја имаше и како се носеше со тоа?

Таци: Беше свесен за тоа кој беше и не му влијаеше на неговиот карактер и однесување. Каде и да одеше му се поклонуваа. Немаше его. На ниту една снимка нема да видите како Тоше се фали за било што. Тој секогаш беше скромен. Немаше ниту лош збор за никој. Не сме го слушнале да каже нешто за некого. Немаше место во неговата душа и живот за лоши работи. Една од неговите најголеми тајна е искрената и чиста љубов кон Македонија. Тоа беше неговата вистинска религија. Всушност, тој беше најголемиот промотор на нашата земја. најдобриот амбасадор и ПР на Македонија. И не само тоа, тој беше најголемиот хуманитарец, но никогаш јавно не зборуваше за тоа. Дури и ние како бенд дознавме подоцна за неговата хуманост и за несебичната помош која ја пружаше секому.

ПР објава

Слично

Поврзани вести