Објавен тендер за набавка на 606 лекови за потребите на ЈЗУ
Министерството за здравство објави тендер за набавка на 606 лекови за потребите на јавните здравствени установи во државата.
Набавката е објавена веќе на електронскиот систем за јавни набавки, како и со меѓународна објава во официјалното списание за јавни набавки на ЕУ.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека идејата е да има што е можно поголема конкуренција и во една транспарентна постапка да се заврши една од најголемите набавки спроведени досега со 606 делови, односно секој еден лек е посебен лот на набавката.
Кога неодамна ја објавивме набавката, посочи тој, Министерството ја отпочна постапката за набавка, а сега веќе се завршени сите процедури до нејзина објава односно завршен е техничкиот дијалог и добиена е согласност од Советот за јавни набавки по што ќе следи и прибирање на понуди, нивно јавно отворање, евалуација и електронска аукција која ќе трае веројатно 40 дена по што ќе следи избор на најповолен понудувач, односно понудувачи.
