ОБЕШТЕТУВАЊЕ: Надлежните апелираат земјоделците да ги осигуруваат посевите
Вчера премиерот беше во обиколка на пелагониските општини Битола и Новаци и од таму информираше дека од Владата за сите оние кои беа жртви на поплавите и претрпеа одредена штета се обезбедени 22 милиони евра, од кои 12 милиони за обесштетување на имотите, додека десет милиони ќе бидат вложени за инфраструктурно уредување, изградба и реконструкција на објекти, патишта и мостови кои беа оштетени за време на поплавите.
Почнувајќи од вчера почна исплатата на обештетувања од поплавите, а во наредните денови се предвидува целосна исплата на сите кои претрпеа штети врз земјоделските површини, некои на домовите и куќите во општина Новаци.
Ветеното почнало да се реализира вели премиерот Груевски.
- Тоа што во април го ветив почна со реализација на 100-процентно обесштетување на оштетените граѓани од пролетните поплави. Според тоа, ветеното веќе почна да се реализира. Во оваа прилика сакам да укажам на една значајна работа, дека е многу важно сите земјоделци да стекнат навика за осигурување на земјоделските површини и посевите, порача премиерот.
Премиерот напомена дека обесштетувањето од 100 отсто на кое се одлучи Владата, е исклучок зашто Македонија ја зафатија поплави како што немало во последните 35 до 40 години, редок вид поплави кои се случуваат во еден век, и затоа упати апел до земјоделците да си ги осигуруваат своите имоти.
