Новогодишните честитки имаа душа, сега се честита во инбокс
Новогодишните честитки останаа спомен на едно убаво минато време, раскажуваат постарите.
Велат дека со нетрпение ги чекале празниците, за да честитаат на роднини и пријатели. Честитките ги праќале неколку денови пред Нова година, со цел до 31 декември да стигнат на саканата адреса, а се водело сметка и за илустрацијата на честитката која се испраќа.
Билјана Василева од Неготино раскажува дека со години во својот дом ги чува честитките кои ги добивала за празниците.
„Имам кутија во која ги чувам сите новогодишни честитки од моите роднини и пријатели.Најстарата мислам дека е од 1990 година. И јас возбудено ги пишував честитките до сите.Омилени ми беа оние што светат.Сега честитките ги пракаме на социјалните мрежи, меѓутоа ништо не може да го замени тоа возбудливо чувство од пратена честитка по пошта“ – кажа Василева.
Сега се честита на социјалните мрежи или со смс порака.
„Се праќаа честитки кога бев во основно и средно училиште. Оние што праќаа добиваа честитки и беше интересно. Сега ниту праќам, ниту добивам честитки за Нова година“ – вели млада девојка од Куманово.
И од Македонски пошти објаснуваат дека опаѓа бројот на испратени честитки во последните 10 години.
„Интензитетот на испраќање новогодишни честитки, со сѐ помасовната употреба на Интернет и на мобилната телефонија опаѓа во последните неколку години. Испраќањето на новогодишните честитки е претежно од деловни партнери и од роднини и пријатели што живеат или работат во странство“ – потврдуваат од Македонски пошти.
Оттаму наведуваат дека преку различни активности сакаат да ги мотивираат младите да ја вратат оваа традиција на праќање честитки. Најмалите деновиве ќе се сретнат со поштар кој ќе им објасни како се адресираат правилно честитките. Додаваат дека честитката има вредност и останува за разлика од електронската комуникација која може да се избрише.
Првата новогодишна честитка настанала и била испратена во Англија во 1843 година, а првата Божиќна поштенска марка настанала во Канада, во 1898 година.
Сања Атанасовска
