НОВИ СЕЗОНСКИ ЛЕТОВИ: ТУИ ќе почне со летови Ајндховен-Охрид во 2018 година
Холандскиот тур-оператор ТУИ Холандија ќе воведе нови сезонски летови од Ајндховен до Охрид во летната сезона во 2018 гoдина, објавува ТАВ Македонија. ТУИ ќе ги реализира летовите со нивната авиокомпанија – ТУИ флај.
ТУИ веќе лета на линијата Амстердам-Охрид-Амстердам, носејќи холандски туристи на Охридското Езеро секоја година, а сега ќе воведе втора авионска конекција со охридскиот аеродром. Авионите на холандскиот тур-оператор ќе летаат на новата линија, секој понеделник и петок, поврзувајќи ги аеродромите во Ајндховен и во Охрид.Ајндховен е лоциран во јужниот дел од Холандија и е блиску до белгиската граница.

Како што објавија официјалните претставници на ТУИ, сезонските летови од Ајндховен треба да донесат од 3.000 до 3.500 патници на охридскиот аеродром, додека вкупно, вклучително и со летовите од Амстердам, ТУИ очекува да донесе 15.000 туристи на Охридското Езеро следната година.

-Веќе сообраќаме на линијата Амстердам–Охрид, а сега ќе почнеме со летови од Ајндховен до Охрид, двапати неделно, односно секој понеделник и петок, почнувајќи од 11 мај до 21 септември.Главната причина за воведување на оваа сезонска линија е поради тоа што сакаме да привлечеме туристи и од Белгија.Сигурни сме дека можеме да го прошириме пазарот, изјави Жак Кријнон, продукт-менаџер во ТУИ Бенелукс.

Како што изјавија претставниците на ТУИ, на оваа линија ќе сообраќаат воздухоплови од типот Боинг 737-800. Моменталниот распоред на летање предвидува заминувањето од Ајндховен да биде во 11:00 часот, додека пристигнувањето во Охрид е предвидено за во 13:35 часот. Од Охрид кон Ајндховен воздухопловите ќе заминуваат во 14:25 часот, а ќе пристигнуваат во Ајндховен преку Тиват во 18:50 часот.
ТАВ Македонија ги заврши првите 11 месеци од 2017 година со13% пораст на бројот на патници, достигнувајќи 1,9 милиони патници (1.876.304)на двата македонски аеродрома –Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид. Во исто време, бројот на летови е зголемен за 7%, достигнувајќи вкупно 16.756 летови.
