Неделните откупни цени почнуваат да се применуваат
Законските измени за неделна откупна цена на земјоделските производи стартуваа, соопшти денеска директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Цветан Трипуноски, по неговата посета на откупните центри во Струмичко.
Трипуноски вели дека овие измени треба да бидат во полза на земјоделците и на откупувачите.
„Ние по претходни сугестии со земјоделците околу варирањето на откупната цена пристапивме кон законски измени за да го решиме овој проблем. Соодветната законска измена откако ги помина филтрите, од вчера излезе и во Службен весник на РМ. Ние како инспекторат, постојано ќе сме на терен да ги следиме состојбите во оваа насока“- изјави Трипуноски.
Тој објасни дека врз основа на законските измени, откупувачите мора да објавуваат неделни цени. Ако денеска на цената на откуп на лубеница изнесува 6 денари по килограм, таа не смее да се менува во наредните седум дена и тоа е најниската загарантирана неделна откупна цена.
Додаде дека засега можно е да се случуваат одредени отстапки од минималната откупна цена, но дека нивната тенденција е тоа да се санкционира согласно законите.
