Најдолгата ноќ на Титов Врв
Чувствувам потреба, но и должност да кажам некој збор за она што се случи изминатиов викенд на Шара. Најпрво затоа што се изначитав разни дезинформации, по некоја навреда и по некое правење многу паметни, како што нели многу често бидува. Шестчлена екипа меѓу кои јас, Дамјан, Сенад, Божидар, Боби и Кристијан одлучуваме наместо традиционалното зимско искачување на Титов Врв, во организација на Планинарското друштво ,,Трансверзалец”, вечерта накај 8 часот од ,,Смрека” да се упатиме кон врвот, каде ќе преноќиме во кулата, а утредента ќе ги пречекаме планинарите од сите страни, дојдени да се искачат на вториот највисок врв во Македонија. Подготовките се одвиваат во најдобар ред, се позајмуваме опрема од сите страни (она што ни недостасува) и откако се комплетиравме, со голема возбуда и ентузијазам тргнуваме кон Тетово каде треба да се најдеме со Сенад и Божидар и од таму кон Шапка. Многумина блиски луѓе меѓу кои Никола, Мартина, Сандра, Боби и останатите кои се грижеа за мене ме молеа да не одам, дека ќе измрзнам, дека е ризично, но јас кога ќе наумам нешто не може никој и ништо да ме предомисли, освен самата јас. Грешка број еден, што за малку прескапо ќе ја платев.
Стигнуваме во Смрека, ја проверуваме опремата, правиме некој начелен план за
патеката на движење, се одлучуваме тоа да е зимската патека и јас почнувам да
чувствувам умор, па накај 15 часот легнувам да прилегнам за да имам сила за она
што ме чека ноќта. После еден час, станувам со силна главоболка и смрзнати
стапала. Се освестувам и почнувам да си водам монолог во глава што се одвива
некако вака: ,,Ок, ти смрзнаа нозете спиејќи на топло, покриена со 2 кебиња, а
ти планираш да спиеш во кулата на 2748 метри. Како планираш да ги згрееш
стапалата горе ако тука не можеш? И како ќе качуваш со оваа ужасна главоболка,
што кога ќе те одува тој силен ветер што се очекува да дува ноќта, ќе ти се
зголеми за 100 пати.” И во тој момент, многу редок момент во моето досегашно
планинарско искуство, одлучувам да го вклучам разумот. Излегувам од
просторијата каде што спиев и им соопштувам на момците дека нема да ги дружам.
Истата одлука, неколку мигови пред мене ја донел и Боби. Останатите четворица
се веќе облечени, спремни, правиме неколку фотографии, се гушкаме и ги
испраќаме кон врвот истурајќи им вода по скалите, за добар и среќен пат.
Во домот владее одлична атмосфера, запознав прекрасни луѓе кои не ги знаев дотогаш, а тука беа и еден куп стари пријатели, што подразбира многу смеење, музика и забава, а на голема радост ги видов и батињата, после поминати две и кусур години од еден викенд на Караџица. Дамјан ни јавува дека се на Карабунар и дека после тоа нема да има батерија за да ни се јави. Му кажуваме дека без оглед на тоа, обавезно чекаме повик или барем порака дека стасале горе, од било кој мобилен на останатите во екипата. Времето поминува, тргнаа накај 19,30 часот, веќе доаѓа полноќ, а од дечките нема абер. ,,Сигурно се движат многу споро заради лошите временски услови”, си помислувам. Забавата е во тек, кога заѕвонува нечиј мобилен. На телефон е Зоки, кој ни кажува дека се случила незгода, дека Кристијан се лизнал и паднал и не замоли случајот веднаш да го пријавиме во локалната полициска станица. Шок, паника, бесознание. ,,Како паднал? Дали е добар? Дали се другите добри?” Милион прашања во дел од таа секунда откако спуштивме слушалка. Станувам и предлагам да одиме нагоре да ги бараме. Еден возрасен планинар, со своето долгогодишно искуство и трезвеност во дадената ситуација ми вика ,,седи мирна, сакаш уште поголема глупост да направиш? Како можеш ти да им помогнеш ако се качиш? Не смееме да го креваме ниту да го носиме, ќе мора да почекаме спасувачка и амбулантна екипа да оди и да интервенира.” Успевам да се чујам со Сенад. Преплашен е, ми кажува дека не знае што му е на Кристијан, страв им е да го подигнат и на моменти ја губи свеста. Тоа е се’ што знаеме. Веднаш потрчуваме кон полициската станица откако претходно им јавивме и го пријавивме случајот по телефон. А таму, долги два часа чекање. ,,Процедурата е таква девојче, мора прво да им јавиме и да испратиме телеграма. – Но господине, се работи за човечки живот и за уште три други кои може да измрзнат вечерва горе. Се очекува температурата да е -25 степени! – Знам девојче, те разбирам, еве ќе направиме се’ што можеме.” Луѓето навистина беа коректни, видоа дека сме излудени, па се обидуваа да не смират и постојано беа на линија со останатите служби. По некое време, спасувачките екипи јавуваат дека нема услови за летање поради намалена видливост и нема начин да ги лоцираат. Ќе мора да чекаме до зори. Потиштени и разочарани си заминуваме од станицата и се враќаме во домот. Во меѓувреме, Зоки – Москито и чичко Диме ни јавуваат дека тргнале од Скопје и почнале да се качуваат со цел да ги најдат. Се радувам бидејќи ги знам нивната брзина, спремност и искуство. Знам дека моите другари вечерта нема да ја поминат сами и тоа малку ме успокојува. Знам дека ќе направат се’ што е во нивна моќ да им помогнат. Во меѓувреме, се обидувам да го добијам Сенад на телефон, но бидејќи се наоѓа во подрачје каде нема мрежа, обидите ми се безуспешни. Почнуваат да ме излудуваат мислите. ,,Како се, дали се свесни дека стигнува помош, дали се свесни дека не сме ги заборавиле ни за миг, дека правиме се’ што е во наша моќ да им помогнеме, дека не се оставени сами на себе?” Седиме во Смрека, а ликовите од забавата пред да слушнеме за веста повеќе ги нема. Сите седат загрижени, гледаат во една точка, се обидуваат да воспостават контакт со Зоки за да го прашаат до каде е, дали можеме да контактираме преку станицата. Зоки и Диме се движат со огромна брзина и последен повик е дека се во близина и дека ќе ни јават штом имаат било каква информација. Од тој повик поминува доста време, а нашата агонија и грижа само се зголемува, седиме немоќни и не изустуваме ни збор. Излегуваат првите зраци сонце и веднаш се јавуваме во полициската станица. ,,Ало, дали сега ќе може да испратите хеликоптер во врска со настанот пријавен синоќа? – Да девојче, еве тргнуваат.” Пресреќна му јавувам на Зоки и седиме надвор на терасата, чекајќи да чуеме звук на хеликоптер како не надлетува. Во меѓувреме во домот почнуваат да стигнуваат првите планинари дојдени за турата. Повозрасните планинари кои веќе знаат како да се справат во овие ситуации, наспроти нашата младешка лудост, не замолуваат да молчиме за случајот, за да не се крене паника. Сепак, како пристигнуваат луѓето, изрично им се нагласува дека: Турата ќе се одвива по летната патека, бидејќи на зимската има мраз и е многу ризично. Тоа е само за оние кои имаат дерези. На останатите, им е забрането воопшто да тргнат на Титов Врв и како опција им е понудена тура до Јелак. Коментарите на планинарите нема да ги коментирам, од причина што повеќето од нив ми се пријатели, а другата причина е тоа што јас најмалку имам право на збор, бидејќи знам како своеглаво сум постапувала во ситуација кога некој нешто ќе се обиде да ми забрани или наметне. Сега, гледајќи ја другата страна на приказната, свесна сум колку беа во право, колку одлуката беше исправна, колку некогаш треба да ги послушаме водичите на турите и оние со поголемо искуство од нас и да не одиме со глава во ѕид. И пак ќе кажам, иако немам право на збор, не сите ги слушаат и на сопствена одговорност тргнуваат по зимската патека иако им беше најстрого забрането. Дали сите поседуваа зимска опрема, дали беа сите добро психофизички спремни за тој подвиг, само тие си знаат. Мислите ни се враќаат на момците. Зошто овој хелокоптер не прелета уште? Каде е? Повторно повик во станица. ,,Девојче, ти кажав тоа што ми е кажано. А кажано ми е дека хеликоптерот е тргнат”. Му се јавувам на Никола да ми каже некоја дополнителна информација доколку може да дознае. Ми кажува дека тоа е стандардна процедура и дека мора да земат спасувачка екипа, но ќе дојдат. Времето поминува. Никој од нас око не склопува, но сите се грижиме еден за друг како најблиско семејство. Доаѓа 9 часот и 30 минути кога конечно хеликоптер надлетува над Шапка. Среќни сме, но веќе немаме никаква конкретна информација, освен кусите разговори со Зоки каде ни кажува дека сите се добри, освен Кристијан. А сега, доаѓа следната агонија. ,,Кога хеликоптерот ќе летне назад за Скопје? Кога ќе можеме да здивнеме дека Кико е хоспитализиран и дека ќе биде добар? Дали се другите премрзнати и ќе имаат ли сила да се симнат после она што го поминаа? И зошто по ѓаволите поминаа 8 часа од првиот повик до пристигнувањето на хеликоптерот?!”
Слушаме како не надлетува повторно, после еден час. Одат за Скопје. Може да стивнеме, барем на кратко. Уморот ме совладува и легнувам да спијам. По два часа се будам и се распрашувам дали има нешто ново. Дознавам дека Даме го придружувал Кико во хеликоптерот и двајцата се во Скопје. Даме ми се јавува и ме успокојува дека е добар и дека Кико е надвор од животна опасност и нема некоја посериозна повреда. Ми излегуваат на површина сите емоции, целиот стрес и целата нервоза што ги држев во себе целото ова време и почнувам неутешно да плачам. Ги чекаме Зоки, Диме, Сенад и Божидар да се симнат од горе за да ги видиме дали се добри. Пристигнуваат. Ми доаѓа да ги гушнам и го правам тоа со цела сила. Добри се. Полека се стабилизираат и закрепнуваат. Добри се сите. Почнуваат да раскажуваат, со внимание ги слушаме и се радуваме што и покрај се’, на крајот овој кошмар заврши.
Мики, братот на Даме ме гледа и се нуди да ме однесе до Скопје бидејќи е повеќе
од јасно дека не сум во состојба да возам. На кратко одам кај нив дома, да го
видам Даме, кој ми ја раскажува и неговата страна на приказната. Кико е силен
дечко, ќе издржи. Сепак, нивната пожртвуваност и грижа се она што остава
најголем печат на целата ситуација. Тројцата ги вадат нивните вреќи и изомати
со цел да го згреат таа долга ноќ, не грижејќи се за себе и нивниот студ. Цело
време бдеат над него, а останатиот дел од времето одат до местото каде има
мрежа со цел да дознаат од нас некоја информација повеќе за тоа до каде е
помошта што им е толку потребна. Му зборуваат, ја вложуваат целата нивна сила и
енергија да му зборуваат, да го одржуваат буден, да го одржуваат во живот. И
целата таа пожртвуваност резултирала со тоа Кико да не измрзне, да остане жив.
Да, тие му го спасија животот на ова прекрасно, позитивно младо момче. Во моите
очи, Дамјан, Сенад, Божидар, Зоки и Диме, луѓето кои ја поминаа ноќта на Шара
се најголемите херои.
Дали и што ќе извлечеме како поука од ова искуство, останува на нас. Јас
тргнувам од себе и знам дека ќе остави голем печат и отсега многу поинаку ќе
гледам на работите. Зимска тура е зимска тура, зимска опрема е зимска опрема, и
тука нема простор за калкулации. Викендов на Шара беа повредени уште две
девојки, кои според моите скромни сознанија за среќа се добри и надвор од
животна опасност. Планината не прави среќни, ни ги трга грижите од
секојдневието, прави да се чувствуваме убаво, ни буди најубави емоции. Сепак,
не смееме да заборавиме на нејзината моќ, на нејзината големина и никако не
смееме да и водиме инат. Внимателно, претпазливо, секој според можностите и без
многу летање во облаци. Почитување на повозрасните и поискусни планинари,
слушање на нивните совети, постапување согласно правилата на планинарските
друштва кои ги организираат турите и секако и најважно, согласно правилата на
планината.
И за крај на овој долг текст, долг како долгата ноќ на Титов Врв
на моите другари, со целото срце му посакувам побрзо закрепнување на Кристијан
и во најскоро време повторно да го видам тој негов ведар, насмеан лик кој со голема
љубов зборува за планините.
Пишува: КАЛИНА ВЕЛЕВСКА
