На покана на Неговото величество, Кралот Мохамед VI, Неговата светост Папата Францис го посети Кралството Мароко
Со посетата на Кралството Мароко, Папата Францис ја продолжи својата мисија за промовирање на добрите односи со државите коишто го негуваат Исламот, во насока на градење позитивни релации со академската заедница, интелектуалците и имамите. Во рамки на својата посета, Папата го посети и Институтот именуван по Кралот Мохамед VI, во Рабат. Многу од студентите на овој Институт се од Африка, Средниот исток и Европа, кои во иднина ќе продолжат да го негуваат во своите региони умерениот ислам којшто е карактеристичен за Мароко.
По повод посетата на Папата Францис, Кралот Мохамед VI, одржа говор на еспленадата на Хасановата џамија во Рабат, којшто ќе остане во историските записи како фундамент на негувањето на прифаќањето, пријателските односи и почитта меѓу припадниците на различните вери, што е дел од традицијата на Мароко.
Во својот говор Кралот Мохамед ја поздрави посетата на Папата Францис, присетувајќи се на историскиот миг на посетата на Папата Џон Пол II, пред 34 години.

“Денешната посета спаѓа во рамки на долготрајните врски меѓу Мароко и Ватикан. Јас сакав да бидам сигурен дека местото и времето на посетата ќе ја рефлектираат симболички длабочината, историското значење и цивилизациската важност на оваа средба. Местото на кое ние се сретнуваме денеска е отелотворение на отвореноста и меѓу-културната соработка, симбол на рамнотежата и хармонијата” рече Кралот Мохамед VI.
Toj понатаму истакна дека при оваа посета на Папата Францис се прославува и меѓусебното запознавање на двете религии, исламот и христијанството, во име на иднината и генерациите кои доаѓаат, во време кога заедницата на нациите, како и таа на сите верници, се соочува со бројни предизвици.
“Во свет што е во потрага по правец, Кралството Мароко никогаш не престана да се залага, да учи и практикува, секојдневно, за братство помеѓу синовите на Абрахам. Ова е главниот столб на исклучително богатата разновидност којашто ја бележи Мароканската цивилизација. Симболичната врска која ги обединува Мароканците, над верите, претставува еден пример за симбиоза во мојата земја. Тоа се рефлектира преку џамиите, црквите и синагогите коишто коегзистираат во градовите на Кралството од памтивек”.
Во Кралството Мароко, слободата за практикување на религијата е загарантирана со устав.

“Меѓусебното познавање го елиминира радикализмот, сите видови на радикализам. Меѓусебното познавање е токму она што ќе ни помогне да се издигнеме над предизвиците на нашето мачно време. За справување со радикализмот, решението не е ниту воено, ниту финансиско, решението има едно име, образование”, порача Кралот Мохамед VI.
Кралот особено се осврна кон образованието како најмоќна алатка и кон младите на кои им припаѓа иднината, и понатаму во својот говор по повод посетата на Папата Францис, повика на активна духовност којашто бара да му служи на општото добро, напоменувајќи дека верата се пресликува во конкретни дејствија, нé учи да ги сакаме луѓето и да им помагаме.
За Кралот на Мароко, средбата со Папата Францис сведочи за заедничкото верување во вредностите кои монотеизмот ги придонесува за рационализирање, помирување и подобрување на светскиот поредок.
Тој исто така истакна дека со интерес и восхит ги следи напорите на Неговата Светост, Папата, да му служи на мирот во светот, како и редовните повици за промовирање на образованието и дијалогот, да му се стави крај на насилството, да се совладаат сиромаштијата и корупцијата, да се справи со климатските промени, да се совладаат болестите кои го мачат општеството денес.
