Економија, финансии, бизнис

Контакт

Моќта на Оптимизмот

Моќта на Оптимизмот

Една од работите на кои внимавам во комуникацијата со себеси и со другите е внатрешната состојба, нашите ставови. Еден од најмоќните и највлијателни ставови којшто го знам, е оптимизмот.

Безброј научни истражувања ја потврдуваат моќта и влијанието на овој став и дека истиот води кон повеќе бенефити за нас, ќе спомнам само неколку: супериорно здравје, поголеми постигнувања, издржливост, емоционално здравје, подолг живот, помалку стрес. Оптимизмот не само што го намалува стресот, туку води кон чувства на задоволство, добри чувства, мотивација, што секако се одразува на нашите секојдневни активности.


Едноставно кажано, оптимизмот ги намалува лошите состојби и ги воздигнува добрите работи.

Од друга страна луѓето често го мешаат позитивниот став со оптимистичнот, гледајќи ги овие ставови како наивни. Но, да се биде оптимистичен е многу поразлично од тоа да се биде позитивен. Позитивноста е кога велиме дека работите се добри, дури и кога не се. Оптимизмот не е наивен, оптимизмот не е негирање на реалноста. Оптимизмот е очекување и верување во позитивна иднина.

Јас сум оптимист и мојата надеж секогаш е дека низ се што поминуваме ќе не однесе подалеку и на подобро. Верувам во процесот на учење на луѓето. Луѓето често велат дека оптимист е некој кој ја гледа чашата полна до половина, но вистински оптимист гледа и надвор од чашата. Гледа од каде доаѓа течноста и како стигнала таму. Гледа во какви садови може да се стави и како може да се поместува на различни места. Гледа во сите можности и почнува да согледува дека освен чашата, може да полни и различни видови садови со различни течности и да ги движи наоколу насекаде во светот. Со други зборови, гледаме каде нештото може да се употреби на други и различни начини за да можеме да почнеме да правиме најразлични работи кои можеби сеуште не се прават.

Оптимизмот е она што успешните и креативните луѓе го прават природно. Клучот е да размислувате како оптимист: Кога ќе се случат лоши работи, верувајте дека тие нема да траат засекогаш и дека доброто ќе се врати, а ние се движиме кон тоа добро.

Дури и кога работите изгледаат тешки, или ситуацијата е болна за вас, предизвикувачка па дури и трагична, основниот став на оптимизам ќе ви помогне вас и на луѓето околу вас да се движите кон подобрување. Не мора да бидете среќни за да бидете оптимистични. Можете да бидете тажни или осамени или гневни и повторно да сте оптимистични бидејќи знаете дека порано или покасно работите ќе се подобрат и ќе се чувствувате подобро.

Убавината е што  сите можеме да бидеме оптимистични и постојат повеќе начини како да ги јакнеме нашите муксули за оптимизам.

Но, во оваа прилика, токму сега би сакала да ве поканам да го рангирате вашиот оптимизам. На скала од 0 до 10 каде 0 е “воопшто не”, а 10 е “максимум колку што можам”, каде сте вие? Не мора да бидете точни во ова мерење, само дајте си себеси брза проценка каде сте на скалата.

Ако сте високо на скалата, ви честитам!:) Одлично управувате со себе и својата внатрешна состојба. Доколку ниско се оценивте, следната вежба која ќе ја наречам “Оптимистичен контекст” е за вас.

1.  Мислете на нешто со кое моментално се соочувате и го доживувате како тешко депресивно или предизвикувачко.

2.  Забележете како се чувствувате.

3.  Сега, замислете голем квадрат пред вас поделен на 9 дела - екрани, како табела со 3 реда и 3 колони.

4.  Оставете еден екран, во средната колона, во долниот ред да биде празен.

5.  Останатите екрани пополнете ги со слики од времиња и ситуации кога сте се чувствувале навистина убаво во својата кожа, во вашиот живот – пр. смеење со другари, убав поглед на зајдисонце, физички активности и вежби, вљубување, игра, некое ваше постигнување или добиена награда, помагање на некого околу нешто и убаво чувство поради тоа, шетање на плажа и т.н.

6.  Направете ги сите тие слики светли, јасни и убави.

7.  Кога сите други екрани (квадрати) се исполнети, сместете ја предизвикувачката тема во квадратот (екранот) во средната колона, во долниот ред.

8.  Забележете колку подобро се чувствувате сега, во врска со таа тема.

Оваа вежба го тренира вашиот ум да запамти дека дури и во најлошите времиња, добри работи се случуваат. Ние не можеме да ги избегнеме тешките времиња и знаеме дека тие се составен дел од животот, но можеме да се движиме преку нив подобро и побрзо. Ве охрабрувам да внесете и додадете оптимизам во вашиот живот, но исто така и да бидете благодарни за тоа што го учите поминувајќи преку предизвиците.

Заклучок

Ако сакате да бидете слободни во животот, да бидете среќни и успешни, мора да станете оптимистични. Никој не може да успее без оптимизам во животот. Па продолжете да учите и да прераснувате во оптимистична личност.

Доколку ви се допадна овој текст и би сакале да следите повеќе корисни развојни содржини, следете не на социјалните мрежи:

Sensum Training and Coaching on Linkedin

Sensum Training and Coaching on Facebook

Sensum Training and Coaching on Instagram

Вашите прашања и коментари можете да ги испратете на: zorica.popovska@sensum.mk или info@sensum.mk

Зорица Поповска

Тренер за Личен и Професионален Развој

(НЛП, Коучинг) 

Слично

Поврзани вести