Економија, финансии, бизнис

Контакт

Младоста да знае што умее, староста да може што знае!

Младоста да знае што умее, староста да може што знае!
Грижа за лицата во трето доба! Младоста да знае што умее, а староста да може што знае-вака топло не пречека  Ристо Димзовски, пензиониран градежен инжењер од Скопје,  кој има 91 година, а сеуште на секој нов ден му се радува како на нов почеток. Живее сам, сопругата му починала пред шест години. Веќе 27 години е пензионер. Ќерка му е омажена во Хрватска, има свое семејство, работа. Вели, таа инсистира да отидам таму, но ја сакам премногу својата земја и животот во Скопје. Онаков каков што го познавал некогаш, се сеќавал,  и онаков каков што пулсира денес. Со синот иако е во Скопје, вели, е блиску, а сепак  многу далеку. Одамна ги заладиле односите. Така требало да биде-воздивнува дедо Ристо. Но, ги има пријателите од Црвениот крст, роднините од Охрид, комшиите.Секој со своја обврска и мака, но сепак наоѓаат по еден миг да го поминат со него. А, тоа, му значи најмногу! Дедо Ристо Димзовски,  веќе две години е дел од програмата за грижа на стари лица и посета  во домашни услови. Волонтери од Црвениот крст го посетуваат секоја недела, а во тимот се вклучени и медицински лица кои превентивно му пружаат медицинска нега. “Денешната живеачка е динамична, секој брза за себе.   На нас постарите ни треба некој со кој ќе разговараме, да си направиме муабет, да размениме мислење. Јас сум во Скопје од 1944 година, после ослободувањето. Завршив школо, потоа се вработив во Републичкото Собрание бидејќи  тогаш кадрите по распоред беа ставани на работа. Немаше сакам или несакам, штом завршиш имаше плански направено,  колку и какви кадри требаат. Јас бев распореден во Собранието, потоа отидов во ЈП “Водовод” каде работев триесет години и од таму се пензионирав. Во пензија сум  околу 27 години. Годините минуваат, здравјето ме држи уште ама староста си го прави своето. Благодарение на медицинава се крепам со терапии. Подизлегувам, прошетувам, за жал од мојата генерација многумина веќе ги нема, починаа, им дојде времето, сега послабо ме посетуваат пријателите кои останаа,  а и потешко одам. Према ситуацијата и годините се осеќам добро. Пред шест години ми почина сопругата.  Роднините ме посетуваат, но секој си има свои обврски и семејства. Јас сум охриѓанец, и од таму редовно доаѓаат да ме видат, ми се јавуваат на телефон да ме прашаат како сум, ми даваат  по некој совет. Внукот ми е доктор, и правнука ми е апотекарка, па ме советуваат како сум,  што терапија да земем, кој лек и сл. Од сестра ми децата од Охрид доаѓаат почесто да ме видат. Ми донесоа и зимница, тегли, овошје. Волонтерите се секоја недела овде, доаѓаат и по потреба почесто, ако им јавам. Медицинската сестра ми мери притисок, ми дава апчиња. Ако ми треба нешто од пазар или продавница, секогаш се тука да ми помогнат”-вели Ристо Димзовски. Вели денес, времињата се малку поинакви, порано се сеќава, животот бил  посмирен, посигурен, со сигурна работа за младите кои почнувале од нула. Денес, според него,  е малку потешко, не за пензионерите, за младината, додава , бидејќи динамиката на животот си го направила своето. Луѓето, според него,  се повеќе се  изолираат, повеќе се затвораат во потесни кругови, посебични се, гледаат само за себе, можеби преоптоварени од своите обврски. Времето поминува полесно со луѓе-додава дедо Ристо. Со душа вели ги чека членовите на Црвениот крст, роднините од Охрид и по некој пријател и добронамерник кој ке тропне на вратата. Живее во центарот на Скопје, опкружен од градската врева и неколку училишта околу неговата зграда.Вели  полека некогаш и излегува надвор, но се потешко му е да оди на лекар. За тоа му треба стручна помош. А,неа ја добива преку медицинската сестра Зорица Пасинечка која е вработена во ЦК на град Скопје и е активно вклучена на проектот “Грижа за стари лица и посети во домашни услови”. Со Ристо се веќе вистински пријатели. Споделуваат пријатни мигови, низ муабет поминува и редовната медицинска контрола. “Вработени сме четири сестри на територија на град Скопје, правиме домашни посети на стари лица дома, кои потешко се движат и се во поодминати години. Ги посетуваме еднаш неделно, им мериме крвен притисок и гликемија-шеќер во крвта. Овие посети кои ги правиме се насочени кон превентивата, и мене како сестра ме радува што со моето доаѓање и следење на нивната здравствена состојба потоа матичните лекари ја менуваат терапијата по потреба,  а ме радува и што на овој начин тие не се малтретираат да посетуваат лекар. Во последно време им го мериме холестеролот и триглицеридите. Одредени категории на пензионери ги снабдуваме  и со лекови, месечно,  за оние со хронична терапија. Во моето работење покрај здравствениот се грижиме и за социјалниот момент,  бидејќи пензионерите кога ќе отидат во пензија понекогаш се затвораат во себе, потоа  и годините си го прават своето. Се случува  често ние да сме речиси и ретките посетители. Мојата посета е еднаш неделно,  на волонтерот еднаш до два пати, но сепак  најголемиот носечки дел паѓа врз плеќите на волонтерите. Со дел од пензионерите имаме навистина одлична комуникација, бидејќи секоја насмевка и топол збор го примаат како од свој ближен. Јас како медицинско лице, ги заборам моите лични проблеми, ги оставам зад врата. Во домот на пензионерите, кои во вас гледаа и бараат помош и пријател треба да сте целосно посветени” -додава сестра Зорица. Катерина Јанковска е координатор на проектот за Дневен центар за стари лица и Центарот за помош на стари лица во домашни услови. Целна група на проектот се лицата во трето доба кои се поделени во две категории, активни и изнемоштени.Активните корисници ги користат услугите во двата центри, во Даре Џамбаз и во Чаир кадешто се вклучени во програмски активности заедно со социјален работник и одговорно лице со кои се развива меѓусебна соработка и солидарност. Во проектот за помош во домашни услови  се вклучени четири медицински сестри,  кои даваат медицинска помош на 120 корисници,  во седум општини во Скопје. На терен работа 34 волонтери. “Во домашни услови нудиме здравствена превентивна заштита во која носечката улога ја имаат волонтерите кои имаат претходна обука, им помагаат на повозрасните околу купување на намирници, комуникација или пружање на помош до здравствена или друга институција.  Еден од корисниците на овие услуги е и дедо Ристо” -вели Катерина. Моделот за грижа на постари лица во домашни услови е земен по примерот на австрискиот црвен крст и австриската агенција за развој а е подржан од град Скопје и Министерството за труд и социјална политика. Факт е дека светската популација старее и дека се повеќе стари лица бараат ваква помош. Преку вакви проекти бенефит имаат и семејствата кои знаат дека во секој момент има некој кој ќе се погрижи за нивните родители, баби или дедовци и во секој момент ќе им биде пружена нега и внимание. Проект кој во блиска иднина треба да се реализира,  а ќе претставува продолжение на веќе постоечкиот за грижа на стари лица, е отворањето на лабораторија во домашни услови. Овој проект ќе биде подржан од  Црвениот крст на град Скопје, Заводот за социјални дејности и Здравствениот дом –Скопје, кои покрај стручната помош треба да пружат и посета на медицински екипи кои неколкуи пати во годината ќе прават лабораториски анализи, се со цел да се зголеми степенот на услуги на лицата во трето доба. С.Б.
Слично

Поврзани вести