Младеновски: Мисијата да ги развиеме човечките ресурси се остварува со платформата 24HR
Модерна компанија која има амбициозни цели за раст мора
да посвети големо внимание на човечките ресурси, да развие сопствен оддел за HR или пак
да се потпре на услугите на специјалистите од оваа област. Динамичниот развој
на пазарот на труд, влегувањето на нови генерации, нивните потреби, како и
справувањето со последиците врз работните односи од пандемијата со КОВИД-19
покажа дека компаниите мора да наоѓаат квалитетни решенија. Од неодамна
функционира платформата 24HR.mk каде на едно место се споделуваат совети и знаење од
страна на професионалци за човечки ресурси. Стојанче Младеновски, основач на 24HR.mk
смета дека оваа професија има светла иднина во
Македонија.
Фактор: Професијата за управување со човечки ресурси во изминатите години бележи постојан пораст. На што се должи ова, на новите потреби за развој на компаниите, зголемениот број на HR менаџери, примената на нови стандарди. Каква е денес перспективата на HR-от во Македонија?

Младеновски: Полека, но сигурно HR-от станува клучната нишка која обезбедува ефикасно и одржливо функционирање на односот помеѓу луѓето и процесите во рамките на една организација. Ако пред пет години зборувавме за дваесетина големи компании со развиени одделенија за човечки ресурси, денес перцепцијата за HR-от е поинаква и тој е многу пошироко распространет во бизнисот.
Тоа, пред сè, се должи на развојот на самите организации кои станаа пообемни и покомплексни, како и на растечките предизвици во поглед на пронаоѓањето, регрутацијата и задржувањето на квалитетен кадар. Секако, важен фактор е и влегувањето на новите генерации во работната сила кои со себе носат поинакви навики, однесувања и очекувања кои се вистинска енигма за луѓето кои одлучуваат само врз основа на финансиски показатели. И како трето, би го споменал темпото на појава на нови компетенции и потребата за брзо совладување на истите од страна на вработените.
За една компанија да успее да ги следи сите овие работи и да се справи со предизвиците кои ќе се испречат по патот неопходно е да има еден или повеќе вработени кои ќе бидат целосно посветени на оваа проблематика. А дали постојат подобри кандидати за тоа од HR професионалците кои совршено добро ја познаваат психологијата на луѓето и нивната бихејвиорална природа?
Зголемениот број на HR менаџери, и не само на нив, туку и на HR специјалисти, регрутери, консултанти, експерти за employer branding и сл. е повеќе од доволен индикатор за експанзијата на оваа индустрија и магичната привлечност на HR-от која ја прави професијата привлечна за помладите генерации и луѓето кои претходно немале допир со човечки ресурси.
Кога сето ова ќе го ставиме пред нас, јасно ни е дека HR-от го очекува светла иднина, и тоа не само во Македонија, туку насекаде во светот каде што луѓето и нивната благосостојба на работното место се важни.

Фактор: Колку е важно постоењето на една платформа како 24hr.mk за развојот на самата професија, подигнувањето на професионализмот, размената на знаења и новитети?
Младеновски: Во изминатите неколку години сведоци сме на сè повеќе и повеќе настани, работилници, дискусии и конференции чија главна тематика е менаџментот на човечки ресурси, но во целата таа приказна како да недостасуваше едно парче од сложувалката кое ќе ја направи сликата за HR-от во Македонија целосна. И така нашиот мал но, ефикасен тим дојде до идејата за 24HR како единствена платформа за размена на информации, знаења и новитети од светот на човечките ресурси.
Порталот 24hr.mkго пуштивме во етер на 20ти мај 2020 година, а од тогаш до денес објавивме преку 300 статии и околу 30 интервјуа со звучни имиња од македонската ЧР заедница. Дополнително, за само неколку месеци стигнавме до бројка од 45 колумнисти чии авторски текстови беа објавени ексклузивно на 24HR. Поголемиот дел од нив се од Македонија, но имаме и дописници од Холандија, Турција, Дубаи, Хрватска, Србија...
Во меѓувреме, 24HR беше и главен медиумски партнер на 12-тата Меѓународна конференција за човечки ресурси која ја организира Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) што за нас претставуваше еден голем исчекор и прв посериозен проект чија доверба во целост ја оправдавме.
Ако на тоа го додадеме и фидбекот кој секојдневно ни пристигнува од HR професионалците, дел од нив се докажани авторитети во индустријата, можеме слободно да кажеме дека 24HR ја исполнува својата мисија да ја промовира и воздигне HR професијата во Македонија.
За мене лично, самиот факт што порталот го лансиравме за време на пандемија е силен показател за нашата посветеност да создадеме нешто ново, иновативно и корисно за македонската ЧР заедница.
Фактор: Што нуди оваа платформа како за професионалците кои се занимаваат со човечки ресурси, за приватниот сектор, но и воопшто за сите заинтересирани?
Младеновски: Како прв специјализиран портал за човечки ресурси во нашата земја, 24HR е создаден да им даде „глас“ на македонските ЧР професионалци. Ажурноста, достапноста и релевантноста на содржините на порталот секојдневно им помагаат на македонските професионалци за човечки ресурси да научат нешто ново, да применуваат нови пракси во своето работење и да бидат во тек со сите случувања во индустријата.
Понатаму, благодарение на големиот интерес за пишување на нашите колумнисти и дописници, успеавме да изградиме механизам за споделување на знаења, совети и искуства помеѓу луѓето од фелата. Да бидам директен, 24HR стана место каде што можете да ги дознаете „тајните“ за управување со човечките ресурси во компании од калибарот на А1 Македонија, Нептун, ТАВ Македонија, Интерворкс, Аптив и сл. директно од луѓето кои ги кројат нивните HR политики.
Од друга страна, веќе соработуваме со неколку компании и едукативни центри кои своите производи, услуги и обуки решија да ги промовираат на 24HR преку ПР текстови, банери и сл. Во овој домен сме целосно подготвени да одговориме на барањата и потребите на сите наши тековни и идни соработници.
Она што создаде најголема вредност за порталот и HR заедницата е нашата рубрика „Љубов кон HR“ каде еднаш неделно, поточно секој понеделник, разговараме со по еден докажан професионалец за човечки ресурси. Досега во оваа рубрика објавивме триесетина интервјуа со успешни директори, експерти и специјалисти за човечки ресурси.
Тоа што за многу краток период 24HR го посетија над 40 илјади професионалци за човечки ресурси и истите секојдневно им се „враќаат“ на нашите содржини ни дава до знаење дека се движиме во вистинскиот правец.
Кои алатки ги нудите сега и кои планирате да ги развивате во наредниот период?
Младеновски: Иако порталот сè уште се наоѓа во почетна фаза ние секојдневно работиме на негово подобрување и унапредување. Во моментов, платформата им нуди одлична можност на компаниите своите производи и услуги да ги промовираат пред најголемата онлајн заедница на ЧР професионалци во Македонија. Тоа го овозможуваме преку објава на ПР текст или банер по навистина пристапни цени. Исто така, достапни сме да понудиме custom-made услуга по барање на клиентот.
Веќе работиме на неколку новитети, вклучително и посебна секција на порталот каде компаниите ќе можат да објават огласи за вработување, а во иднина планираме и развој на нови алатки кои ќе ги поддржат компаниите во поглед на employer branding, регрутација на кадри и сл.
Силно веруваме дека 24HR беше вистинското нешто што и недостигаше на нашата земја и со истите тие сили продолжуваме напред да бидеме уште подобри, поиновативни и почитани!
