Министерството за земјоделство започна со проценка на штетите од поплавите
Четири подвижни канцеларии од Министерството за земјоделство започнаа со проценка на штетите на посевите од поплавите во струмичко Муртино.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, денеска изврши обиколка на поплавените насади со раноградински култури и есенските посеви во атарите на Муртино, кое најмногу настрада од поплавите што го зафатија на 25-ти и 26 февруари.По првите увиди од оваа непогода, Владата до сите семејства исплати 15.500 денари, како првична помош.
„Овде во Муртино се присутни четири подвижни канцеларии и два тима на Министерството за земјоделство, кои ги утврдуваат штетите. Врз база на овие податоци, согласно законот, ќе извршиме соодветно обештетување. По завршувањето на проценките, комисиите ќе извршат проценка и во останатите атари од поплавените села“, рече Коњановски.Тој уште еднаш апелира до сите земјоделци да ја искористат поволноста од 60 отсто попуст, што ги плаќа Министерството за земјоделство за секој осигурен насад и имот, бидејки, како што рече, само осигуреното е сигурно.
Во минатонеделните поплави беа опфатени атарите на десетина села во четирите струмички општини при што значителни штети има кај раната зелка и компирот кои беа веќе засадени под пластениците.