„Миграцијата како социјална заштита: Анализа на Македонски, Албански и Српски семејства што примаат дознаки“
Денес Асоцијацијата за економско истражување, застапување и донесување економски политики Finance Think Скопје ги претстави прелиминарните резултатите од проектот „ Миграцијата како социјална заштита: Анализа на Македонски, Албански и Српски семејства што примаат дознаки“.
Целта на проектот е да испита дали примените дознаки од странство имаат заштитна улога за социјално ранливите семејства, односно, дали истите им пружаат неформална социјална заштита. За таа цел, конструиран е индекс на социјална ранливост составен од следниве индикатори: сиромаштија, невработеност на двајца сопружници со најмалку едно дете, самохран родител, лошо здравје, потхранетост, недостиг на облека, лоши услови на домување и недостиг на средства за одмор и рекреација. Една третина (30.9%) од испитаниците се соочуваат со еден индикатор на ранливост, скоро исто толку (37.6%) од испитаниците пријавиле дека не се соочуваат со ниту еден од наведените индикатори на ранливост, а само 2.3% од сите испитаници пријавиле дека се соочуваат со 5 или повеќе од наведените индикатори на ранливост.
Истражувањето покажа дека врз степенот на ранливост влијаат националната припадност на семејството, степенот на образование на главата на семејството, големината на семејството и бројот на издржувани членови. Во Македонија, Македонците се помалку ранливи во однос на Албанците, големината и бројот на издржувани членови во семејството влијаат правопропорционално врз степенот на ранливост, додека лицата со повисоко образование е помалку веројатно да западнат во социјална ранливост.
Главниот наод од ова истражување е дека примените дознаки навистина служат како неформална социјална заштита за семејствата што ги примаат, бидејќи примателите на дознаки имаат 6% поголема веројатност да пријават нулта-ранливост (не се соочуваат со ниту еден од индикаторите на ранливост). Овој резултат е главно воден од влијанието на дознаките врз сиромаштијата, бидејќи семејствата што примаат дознаки имаат 27% помала веројатност да станат сиромашни во споредба со семејствата што не примаат дознаки. Секој дополнителен процент на примени дознаки ја намалува веројатноста да се падне во сиромаштија за 3.4%.
Овој проект е поддржан од Регионалната Програма за Унапредување на Истражувањето.

